На денешната заедничка прес-конфереција во пресрет на „Хуавеј Супер Купот“ немаше претставници од кошаркарскиот клуб Работнички, а нивното отсуство не беше најавено. Ова предизвика сомневање кај кошаркарските работници дали најтрофејниот македонски клуб викендот ќе отпатува за Охрид каде ќе се игра турнирот.
Организатор на овој куп е Македонската кошаркарска федерација (МКФ) и општина Охрид.
Од МКФ немаат никакви информации зошто Работнички не се појави со свои претставници на заедничката прес-конференција, но се надеваат дека тимот од „Градски Парк“ ќе настапи во Охрид.
Во првиот Хуавеј Супер Куп покрај куп победникот од минатата сезона, ќе учествуваат и актуелниот шампион МЗТ Скопје, како и финалистите од националните натпреварување Куманово и Кожув.
Сите учесници се согласни дека овој куп е добра шанса да се види до каде е формата на играчите и екипите да се воиграат, бидејќи репрезентативците подоцна им се приклучиле.
Од Кожува фаворитската улога ја препуштаат на МЗТ СКопје и на Куманово, а тренерите на овие две екипи Алеш Пипан и Љубисав Луковиќ, очекуваат интересни дуели и максимално залагање на сите што ќе добијат шанса да настапат.
Според распоредот во првото полуфинале во сабота од 17 часот и 30 минути ќе играат двете најдобри екипи од купот на Македонија, Работнички и Кожув, а во 20:15 часот за второто место во финалето ќе се борат МЗТ Скопје Аеродром и Куманово.
Финалето е в недела од 19:30 часот.