Изјавите на европските политичари, како на германската канцеларка Ангела Меркел и германскиот претседател Јоахим Гаук, дека мигрантите ќе можат да живеат во Европа, не е хуманитарен гест, туку „мечкина услуга“ за Европа, пишува поранешниот чешки претседател Вацлав Клаус во коментар објавен на веб-страницата на германскиот весник „Ди Велт“.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, Клаус оценува дека Германците се лажат ако веруваат во лесна интеграција на имигрантите во општеството.
Доказ за тоа, според него е претходното искуство со имигрантите во Германија.
– Имам длабока загриженост за иднината на Европа и не се работи за ништо друго, рече Клаус, кој смета дека имигрантите без проблеми не можат да се зачленат во општеството бидејќи секој си носи свои навики најчесто од семејството.
За него не е можно имиграцијата да се превоспита или индоктринира.
Клаус смета дека идеолозите кои го поддржуваат мултикултуризмот не гледаат проблем во тоа дека масовниот преселувачки бран ќе ја наруши стабилноста и сплотеноста на општеството или претпоставуваат дека е можно одредени држави да се „дополнат“ со мигранти.
Чешкиот експретседател исто така тврди дека ситуацијата во државите од каде што доаѓаат мигрантите не е драматично променета за да има толкав миграциски бран во Европа.
Како пример го спомена тоа дека 40 проценти од мигрантите кои дошле во Баварија за време на викендот пред две недели биле од Косово.
– А зошто дошле други 40 проценти од Авганистан каде вооружениот конфликт трае веќе децении?, се прашува Клаус во коментарот.
Во одговорот, тој вели дека мигрантите кои оправдано се фрустрирани од ситуацијата дома, од неодговорни европски политичари добиваат пораки дека можат да дојдат.