Унгарскиот премиер Виктор Орбан го повика денеска Парламентот да го поддржи владиниот предлог со кој се предвидува војската да се употреби за заштита на унгарската граница и порача дека Унгарија во бегалската криза има одговорност да ја заштити Европската унија.
– Унгарија е почесен член на големото европско семејство со илјадници години и од историска и морална одговорност мора да ја заштити Европа. Кога Унарија ги штити своите граници, тогаш исто така ја штити и Европа, рече Орбан во унгарскиот Парламент, пренесува Танјуг.
Според неговите зборови, Унгарија се бори на два фронта и додека ја штити границата мора да се бори против „кратковидната европска политика“.
– Додека Европа не е во состојба да ги заштити надворешни граници, новите внатрешни граници на ЕУ се затвораат една по друга, истакна Орган.
Според неговите зборови, предложената квота од страна на Брисел не е „европски акционен план“, затоа што прво границите мораат да бидат заштитени, а бранот бегалци запрен.
Тоа е причината зашто Орбан ги повика сите унгарски парламентарни партии во пресрет на гласањето за владиниот предлог да се употреби армијата за заштита на унгарската граница, да ја поддржи владата во нејзините напори.