Во рамки на „Докувизија“ на терасата позади киното „Милениум“ во ГТЦ, во среда (23 септември), во 20 часот премиерно ќе биде прикажан филмот „Доаѓаме како пријатели“ на Хјуберт Саупер.
Паралелно филмската приказна за „пријателите“ на Јужен Судан ќе се раскажува и во Љубљана, Загреб, Белград, Призрен и во Подгорица.
По бесплатната проекција на отворено, следи разговор со режисерот Хјуберт Саупер, програмскиот селектор на „МакеДокс“ Петра Селишкар и со публиката од останатите градови.
Филмот „Доаѓаме како пријатели“ е модерна одисеја, вртоглаво и само навидум фантастично патување во срцето на Африка, каде што децата или ги мажат или ги наоружуваат. Благодарение на малиот авион којшто режисерот сам го направил од лим и платно, пристигнуваме во Јужен Судан – земја со највисока стапка на мајчина смртност во светот, дом на 230 илјади бегалци… и очигледно, рај за странските инвеститори.
Кинески нафтени работници, мировници на ООН, судански воени лидери и американски протестанти доаѓаат како пријатели во најмладата држава во светот, нестрпливи да поттикнат „соработка и развој“.
Наградена на Берлинскиот филмски фестивал и на „Санденс“, оваа филмска приказна ни покажува дека империјализмот никогаш навистина не си заминал од Африка.