Министрите за наука на земјите од Западен Балкан потпишаа денеска во Сплит спогодба за формирање Центар за истражување и иновации, со кој бидат опфатени Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово и Србија, а партнер во проектот е Регионалниот совет за соработка (РСС).
– Регионалната соработка во областа на истражувањата и иновациите е неопходна за да се овозможи учеството на Западен Балкан во релевантните програми на Европската унија, како што се „Унија иновација“ и „Хоризон 2020“. Со изградбата на капацитетите да се приклучиме кон овие програми и директно да работиме на изградбата на институционалните капацитети за процесот за придружување кон Европската унија, изјави генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ.
Тој заедно со шефот на хрватската дипломатија Весна Пусиќ ја отвори министерската конференција, на која е потпишана спогодбата.
Според Свилановиќ главна предност на регионалната развојна стратегија на РСС наречена „Југоисточна Европа 2020“ е нејзиниот капацитет да развие меѓуресорка регионална соработка.
Формирањето на Центарот почна уште во 2009 година, кога во Сараево беше потпишана Декларациајта за заедничка соработка во науката и иновациите, а потоа во 2013 година во Загреб беше усвоена Декларацијата за регионалната стратегија за истражување и развој на иновации, изработена во заедничка координација со Светската банка, Европската комисија, РСС и седум потписнички од регионот.
Со тоа е отворен патот за формирање на заеднички Центар за истражување и иновации со седиште во Сплит.
Центарот ќе има статус на меѓународна организација во рамките на која ќе се одвиваат активностите на челниците и претставници на учесничките од регионот, другите европски и светски земји, претставници на ЕК и СБ, научници и претприемачи кои се занимаваат со висока технологија и инвеститори.