Книжевните икони Херта Милер и Том Стопард добитници на наградата Табернакул за 2015 година

Од:

Нобеловката Херта Милер од Германија и британскиот драмски автор сер Том Стопард се годинашни лауреати на Меѓународната книжевна награда Табернакул. И двајцата автори го потврдиле доаѓањето во Скопје.

Одлуката ја донесе жирито во состав Ферид Мухиќ, Горан Стефановски, Венко Андоновски, Цветан Враживирски, како и претходните добитници на наградата Милан Кундера, Љубивоје Ршумовиќ, Орхан Памук и Виктор Ерофеев.

Претседателот на Издавачкиот совет Ферид Мухиќ истакна дека станува збор за настан кој ги надминува рамките на регионот и е од значење за светската литература, а има симболика и за самите автори, бидејќи ова е и нивна прва средба воопшто. Настанот ја легитимира и Македонија, но и Табернакул на светската книжевна сцена.

За авторите лауреати тој нагласи дека и двајцата автори се исклучително интересни поради нивниот радикално различен бекграунд, а она што ги поврзува е идентитетскиот момент. Таа е Германка родена во Романија, а Том чие прво име е Томаж Штраусер е роден во Чехословачка, а живее во Британија.

– Како што е кажано и во образложението на Нобеловата награда, концентрацијата на поетското и искреноста на прозното ја наведоа Комисијата наградата за оваа година да и ја доделат на Херта Милер. Образложението е навидум сувопарно, но тоа погодува во сржта на нејзиното творештво. Многу е значајно и музичкото во нејзиното творештво, особено една современа романска пејачка влијае многу врз некои пасажи од нејзиното пишување, вели Мухиќ.

За Том Стопард вели е сушта спротивност на Херта. Неговата животна приказна, за која самиот вели е магична, започнува во 1937 година во Чехословачка, од каде со семејството во 1939 година пред Интервенцијата на Германците заминале во Сингапур. Таму во 1941 година загинал татко му, а во 1945 година мајката се мажи за англиски мајор и неговото школување започнува во Индија, тогашна англиска колонија по што го добива презимето од очувот, а го менува и името. Денес е еден од навлијателните и најпочитувани драмски автори во Британија и светот.

– Сметавме дека една таква исклучителна личност која има и трауми на менување на идентитетот и името, која се воздигна толку моќно над она што можеше да го деградира како човек, бидејќи тие трауми се многу силни, го превладеа на најдобар начин што за голем дел од Британците е веднаш по Шекспир, вели Мухиќ.

Свеченото доделување на наградата е предвидено за 15 октомври во Скопје, а ќе присуствуваат и двајцата лауреати. Претходниот ден е предвидено да се одржи прес-конференција со Милер и Стопард. За делото на Милер ќе зборува минатогодишниот лауреат на Табернакул Виктор Ерофеев, а творештвото на Стопард ќе го претстави нашиот писател Горан Стефановски. Ќе се одржи и книжевната академија Табернакул.

Наградата ја претставува бронзена скулптура чиј автор е академскиот вајар Горан Стаменков, а лауреатите добиваат и златник со нивното име како влез во Академијата Табернакул и паричен износ од 5.000 евра. Од оваа година Книжевната награда Табернакул ќе се доделува биенално.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска