Кој треба да се срами?

Од:

Пешчаник – Белград

Речиси стана легендарна изјавата на премиерот дека му е срам колку добро ни оди. Во обид да му парираат (не и да го надминат, бидејќи тоа не е дозволено) стигнаа изјави и од некои министри, како на пример од Вулин, дека невработеноста постојано се намалува, па до најновиот бисер на Вујовиќ кој веројатно во обид да го сврти вниманието од скандалот кој го предизвика во пошта, изјави дека наскоро во Србија милион луѓе ќе живеат подобро од кога било. Под претпоставка дека не го подразбира поширокото членство на СНС и нејзините сателити и странски советници, тешко дека таа изјава ќе се земе за сериозна. Меѓутоа, не е лошо да се види што вели статистиката. Сите податоци кои следат лесно можат да се проверат на интернет. А на читателот е да процени дали треба да се срамиме што го критикуваме премиерот кој создава економско чудо, или премиерот можеби треба да се засрами од погрешните проценки и изневерените економски ветувања.

Буџетскиот дефицит во Србија во 2015 година е понизок од планираниот. Во Законот за буџетот за 2015 година стои дека буџетскиот дефицит ќе изнесува 158 милијарди динари, т.е. вкупен фискален дефицит од 191 милијарда динари за 2015 година; во неодмнешните изјави се наведува дека буџетскиот дефицит ќе биде околу 180 милијарди динари или 4,5 отсто од БДП. Поголем дефицит во Европа имаат Кипар, Франција, Грција, Литванија, Португалија, Словачка, Шпанија, Обединетото Кралство. Во однос на 2014 година, буџетскиот дефицит во Србија е понизок (6,1 отсто од БДП во однос на 2014 година) што е генерално добра вест.

Меѓутоа, експертите велат дека ова пред се е последица на штедењето во инвестициите, намалувањето и замрзнувањето на платите во јавниот сектор и пензиите, а не дека е знак за рационално трошење на парите; значи намалувањето на буџетскиот дефицит само по себе не значи многу ако последица од штедење на погрешен начин, како што се случува сега во Србија.

Јавниот долг на Србија расте и достигна 27,6 милијарди долари и застрашувачки 88 отсто од БДП (според независни извори – податоци без Косово). Тоа значи дека секој жител на Србија е должен 3.480 долари. Во Босна и Херцеговина јавниот долг изнесува 51,2 отсто од БДП; во Хрватска 69,7 отсто; Австрија 87,6; Бугарија 16,8; Чешка 50,6; Унгарија 86,7; Македонија 22,8; Романија 40,2. Како што може да се види, различни држави имаат различни политики на задолжување. Во секој случај може да се констатира дека државите надвор од ЕУ, како и надвор од еврозоната, можат да се задолжуваат под понеповолни услови. Во Србија јавниот долг во однос на 2012 година порасна на 19,5 милијарди долари и 52,4 отсто од БДП (2.700 долари по глава на жител), до наведените броеви.

Меѓутоа, сликата за задолжувањето не е комплетна само врз основ на податоците за јавниот долг. Важен е податокот и како, т.е. кога тој долг може да се врати. Поради тоа се смета дека презадолженоста на некои земји не е проблем иако е висока во однос на БДП. Важно е во кои цели се трошат парите за кои државата се задолжува. (Србија никако не може да го помине тој тест со позитивна оценка, бидејќи задолжувањето се однесува на враќање на старите долгови и крпење на дупките предизвикани од ненормална јавна потрошувачка која не подразбира инвестиции и вложување во нови дејности). Важна е и вкупната финансиска и економска солидност на земјата, проценката дали ќе може да ги отплати задолжувањата, дали БДП на земјата расте, каде може дополнително да се задолжи и слично. Србија никако не се наоѓа во групата на земји во кои кредиторите ќе имаат уште долго доверба (од тука е и споредбата со Грција која може да се слушне повремено).

БДП во Србија во 2013 година изнесуваше 45,5 милијарди долари, а во 2014 година 43,8 милијарди. Проекциите за 2015 година се движат од тоа дека растот на БДП ќе биде на нула, до прогнозиран раст од 0,5  до 1 отсто. Дури и да дојде до раст од 1 отсто, Србија според овој параметар е најлоша во регионот.

БДП по глава на жител во 2014 година изнесуваше 6.152 долари. За споредба, БДП пер капита во Србија во 1989 година изнесувал 17.429 долари. Тоа значи дека со темпо на раст од 1 отсто годишно, на граѓаните на Србија ќе им требаат неколку децении да ја достигнат точката на која биле пред 26 години (толку за тоа дека изјавата на министерот Вујовиќ има некоја врска со реалноста).

За да расте БДП потребни се инвестиции, т.е. целна и рационална потрошувачка (наместо политика на ирационално штедење која е актуелна). Апелите на економските експерти на внатрешно инвестирање во малите и средни компании како начин за кратко време да се намали невработеноста и да се зголеми производството, за сега немаат никаков одек кај властите кои таквите проекти ги поддржуваат само номинално. Наместо тоа се бараат инвестиции кои тоа всушност не се, преку продажба на државни фирми на странски компании. Резултатот од таквата политика не е зголемување на производството, намалување на невработеноста и зголемување на БДП; најчесто целата инвестиција завршува со едонкратна финансиска инекција на државата од која граѓаните немаат никаква корист, бидејќи таа служи да се закрпат дупките во буџетот. Уште еден елемент кој потврдува дека намалувањето на буџетскиот дефицит не е индикатор за стопански раст.

Корупцијата е еден од факторите кои најмногу ги дестимулираат, како внатрешните така и надворешните инвестиции. И покрај номиналната борба против корупцијата, се чини дека малку е направено таа ефективно да се намали преку откривање и процесуирање на чинителите, како и со превентивно делување и охрабрување на граѓаните да пријавуваат такви дела. Поради тоа не е чудно што Србија во истражувањето на организацијата Транспаренси заврши на незавидно 78 место (од 174 испитани земји) и со индекс на корупција 41 кој е во благ пораст во однос на 2012 година, кога беше 39.

Под Србија, од земјите од регионот, пласирани се Босна и Херцеговина (80 позиција, индекс 39) и Косово (110 позиција, индекс 33). Половина граѓани сметаат дека корупцијата е најголем проблем, по невработеноста, додека бројот на луѓето кои се осудени за примање и давање мито и понатаму е симболичен (97 луѓе во 2013 година).

Во однос на 2002 година, намалувањето на корупцијата се перцепира само во шест област. Поради тоа, стапката на падот на перцепцијата на корупцијата меѓу даночните службеници, адвокати и лекари е минимална, додека во 13 области е зголемена. Над половина граѓани сметаат дека со сегашната политика корупцијата може значително да се намали.

Привлечност за инвестиции во Србија: Во 2014 година странските инвестиции во Србија изнесувале околу милијарда и пол евра или околу 5 отсто од БДП. Директните странски инвестиции во 2013 година изнесувале речиси 2 милијарди долари или 4,3 отсто од БДП, а во 2006 година рекордни 5 милијарди долари или 16,2 отсто од БДП.

Иако бројките за странските инвестиции традиционално се добри во споредба со државите во регионот, сосема е извесно, како што е речено, дека Србија не претставува пазар за кој инвеститорите масовно се заинтересирани и дека за идно зголемување на производството пресудно е внатрешното инвестирање, во чиј поттик и реализација државата има најзначајна улога. Одредувањето на невработеноста, како што веќе е пишувано за тоа, претставува голем проблем кога се работи за точноста на податоците.

Анкетата за вработеноста на Републичкиот завод за статистика, која е актуелна овие денови во медиумите, покажува дека стапката на невработеноста е 17,9 отсто, а на вработеноста 42,3 отсто од вкупниот број на работно способното население. Што значи дека и понатаму се занемаруваат 40 отсто работно способно население кое е невработено, но не е на евиденцијата на Националната служба за вработување, или се занимава со сива економија, или се вработени на црно (а според истата анкета други и трети има и се 18,5 отсто).

Дури и кога овие податоци би се земале како прецизни, а не можат да бидат прецизни бидејќи примерок за анкета се 25.000 лица, во Србија во која има над 5 милиони работно способни луѓе, стапката на невработеноста и вработеноста се далеку под европскиот просек. Посебно загрижува фактот дека вработеноста расте додека БДП стои. Ова е можно само ако вработувањето се врши во непроизводни дејности, т.е. на измислени работни места, што многу потсетува на партиско вработување во јавната администрација и јавните фирми, во кои владее хистерична состојба кога се работи за систематизација на работните места, а кои истовремено се изземени како од забрана за вработување така и од откази преку рационализација. Невработеноста на младите е 52 отсто, а дури половина милион луѓе, од околу 760.000 колку што ги има на евиденцијата на НСЗ, се невработени подолго од една година.

Правата на вработените се во константна стагнација. Работниците кои се вработени преку агенции за изнајмување на работници т.н. лизинг работници и понатаму се незаштитени бидејќи законот не ги препознава. Работата надвор од работниот однос (главно со договор на дело и договор за привремени и повремени работни ангажмани) и понатаму е надвор од системот на правата, обврските и одговорностите на вработените. И понатаму, во смисла на работничките права, под вработени се сметаат само тие кои склучиле договор за работа и се наоѓаат во работен однос, што доведува до тоа, тие кои се ангажирани надвор од работниот однос максимално да бидат експлоатирани и претставуваат ефтина и обесправена работна сила.

Таа состојба опстанува не само поради интересот кај работодавците, туку и поради интересот на државата како најголем работодавец (и прекршител на сопствените закони).

Во мандатот на моменталната Влада на Србија, на вработените се намалени правата кога се работи за: работен однос на одредено време, незаконски отказ, надомест на штета, отказен рок, отпремнина, зголемување на плати, изнуден отказ, минимални плати, годишен одмор, колективно преговарање и склучување на колективни договори. Пропуштена е шанса со измените да се подобрат одредбите за трудовата инспекција, социјалниот дијалог и утврдувањето на репрезентативноста. Некои од новите законски решенија се неуставни или барем во колизија со другите закони, а некои претставуваат кршење на меѓународните инструменти кои Србија ги потврди.

Дискриминацијата и злоставувањето на работа се уште подеднакво се присутни како во изминатиот период. Со лошите законски измени и со лошата судска пракса, отворени се вратите на работодавците да бидат многу итри (а да останат во рамки на непрецизните и двосмислени законски норми) кога се работи за модалитетите при малтретирање на вработените. Работничките спорови и судската заштита во целина се уште претставуваат неефикасен начин за заштита на правата на работниците. Често непријатно изненадува и нестручноста на судиите, неизедначеноста на судската пракса, која создава правна несигурност, неверојатно благата казнена политика, како и против законското и неразумното толкување на законските норми, а во корист на државните партократски интереси.

Просечната плата на ниво на држава е околу 370 евра, т.е. 44.583 динари. Меѓутоа, дури 85,6 отсто општини (149 општини, од вкупно 174 во Србија) имаат пониска просечна плата од просекот. И таквата просечна плата која ја примаат само помал број вработени е пониска од просечната плата на сите држави во регионот, податок од март 2015 година. Романија, Летонија и Бугарија се единствени држави во ЕУ кои имаат приближни плати како Србија, а просекот на т.н. ЕУ-15 група е 2.258 евра.

Просечната пензија е пониска од 200 евра т.е. 23.159 динари, најниската пензија е нешто малку над 100 евра т.е. 13.221 динар, податок од 2014 година. Владата, кога се работи за пензиите, главно остави своја трага со нивното неуставно и незаконско намалување.

Просечната потрошувачка кошница во Србија за месец јуни изнесуваше 67.065 динари, а минималната 34.787 динари. Не е тешко да се пресмета, потребна е 1,5 просечна месечна плата за една просечна потрошувачка кошница, што во комбинација со податоците за вработеноста доведува до енигма како луѓето во Србија воопшто преживуваат.

Интересна е структурата на оваа потрошувачка кошница, во која на пример за месечно одржување и опремање на домаќинство му е одредено нешто помалку од 3.000 динари, за кирии и сите сметки за комуналии 13.000 динари, за ресторани и хотели 789 динари, а за образование цели 457 динари (ова би значело дека секое семејство со само едно дете секој септември троши предвиден износ за образование за следните две до три години).

Социјалната помош е далеку под доволната за нормален живот на корисникот. Обесхрабруваат и ненормалните решенија за воведување на принудна работа за корисниците на социјална помош, дополнителните услови за примање на детски додаток, како и други мерки кои очигледно можат да се сметаат за длабоко нехумани, дискриминаторски и незаконски, а кои имаат за цел да го намалат бројот на корисниците на социјална помош, фактички да ги одбијат или формално елиминираат за користење на некои од правата. Стравот од идно бесмислено ограничување на овие права со измените на неколку постоечки закони кои се најавени, сосема е оправдана.

На кого треба да му биде срам? Проценете сами.

Би можело да ве интересира

Боцан-Харченко: Русија ќе ја заштити Србија и Република Српска

ВИДЕО: Снимка од детонацијата, уништена гранатата пронајдена во центарот на Белград

Петчлено семејство загина во судир на автомобил и возило на војската на Србија, меѓу жртвите има и три деца

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Расте нивото на Дунав на влезот во Србија, врвот на бранот се очекува в среда

Нема настава во училиштата во Србија поради протест на просветните работници

(ВИДЕО) Таткото на Александар исчезнат на Кипар објави снимка, смета дека е пронајден неговиот син

Предраг Петровиќ