Семејството Цековски се сомнева дека друг човек ја возел хондата која на трети април ја прегази 20-годишната Фросина пред Универзална сала. Како што денеска пред јавното обвинителство рече таткото, Љупчо Цековски, трагите од воланот биле избришани, а на возачкото седиште биле најдени отпечатоци од прсти кои не одговараат на лицето што неколку часа по сообраќајката се пријавило во полициската станица во Ѓорче Петров.
Осомниченото лице се изјаснило дека ќе се брани со молчење.
-Најголема грешка е што не е приведен убиецот – им порача Цековски на новинарите.
-Не се совпаѓаат линиите на воланот со пријавениот убиец. Сто отсто сме уверени дека е друг – додаде тој.
Се уште не е поднесен обвинителен акт за овој случај, а таткото на жртвата информираше дека се прави вештачење на брзината со која се движело возилото.
20-годишната Фросина од Крива Паланка животот го загуби на булеварот Партизански одреди, пред Универзална сала, откако во неа удри хонда со скопски регистарски таблички. 26-годишниот возач првично избегал од местото на несреќата, а потоа сам се пријавил во полициска станица. Нема информации дали тој бил во алкохолизирана состојба и дали поминал на црвено светло на семафорот.
Според очевидците ударот бил страотен и се случил во моментот кога двеојката ја поминувала улицата на пешачки премин.
Веднаш по несреќата Општина Крива Паланка го прогласи 5-ти април за ден на жалоста.