Во Македонија од 7. септември годинава ќе започне снимањето на францускиот игран филм „А Фонд“ во режија на Никола Бенаму, што претставува најголема странска инвестиција во областа на филмската индустрија досега во земјата. Економскиот бенефит за Македонија од реализацијата на филмскиот проект кој ќе се снима во наредните два месеца изнесува два милиона евра.
Инаку, во снимањето на филмот ќе бидат вклучени преку 100 професионалци од Франција и околу 400-ини филмски работници, статисти и придружни соработници од Македонија.
За потребите за снимањето на филмот ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на обиколницата во Скопје на потегот од Хиподром до Сарај и на автопатот Велес – Градско при што граѓаните ќе бидат навремено информирани за тоа во кој период од денот и кои денови овие делници ќе бидат затворени за сообраќај.
Согласно потпишаниот договор, француската продукциска куќа ќе издвои 4,8 милиони денари за реконструкција на стариот пат Велес – Градско преку кој ќе биде пренасочен сообраќајот, како и 12,7 милиони денари средства кои Македонија би ги инкасирала од патарините доколку обиколницата би била отворена.
Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска на денешната прес-конференција по повод отпочнувањето на снимањето на филмот во Македонија истакна дека станува збор за проект со кој Македонија се претставува како нова и атрактивна филмска дестинација на мапата на светската филмска индустрија.
Филмот е во продукција на француската куќа „Шик Филмс“.