Директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија Дарко Башески и генералниот директор на Дирекцијата за филм при Министерството за културно наследство и туризам на Италија Никола Борели денеска, во рамки на 72. Меѓународен филмски фестивал во Венеција, потпишаа Договор за развој на копродукциски проекти помеѓу Италија и Македонија.
Со потпишувањето на Договорот, двете земји, како што соопшти Агенцијата, го поттикнуваат заедничкиот интерес за финансирање проекти во развој на долгометражни филмови (игран, документарен и анимиран филм) чие сценарио има висок квалитет и комерцијален потенцијал да ги привлече гледачите од двете земји како и гледачите од остатокот од светот.
Со Договорот е дефинирано дека при развој на копродукциски проект меѓу двете земји, продуцентот од домашната земја може да аплицира за поддршка според овој договор. Продуцентите мора да работат во согласност со законодавството на Република Македонија и законските регулативи воспоставени од Агенција за филм како и соодветно со италијанското законодавство и упатствата на Дирекцијата за филм при Министерството за културно наследство и туризам.
Вкупниот буџет за развој на копродукциски проекти меѓу двете држави е 60.000 евра на годишно ниво, односно по 30.000 евра од секоја земја.
Утре, на Филмскиот фестивал, премиерно ќе биде прикажан филмот „Банат“ во режија на Адриано Валерио, копродукција меѓу Италија, Македонија, Романија и Бугарија. „Банат“ е поддржан како малцинска копродукција од Агенцијата за филм на Република Македонија. Дел од овој филм минатата година дваесетина дена се снимаше во нашата земја.