Меѓународната железничка станица во унгарскиот главен град Будимпешта е повторно отворена, но не се дозволува влез на мигранти, јавуваат унгарските медиуми.
Унгарските власти изутринава ја затворија меѓународната железничка станица во главниот град Будимпешта поради обидите на стотици мигранти да се качат на воз за Австрија или Германија.
– Ниту еден воз нема да пристигне или да тргне од станицата „Келети“ до нова наредба. Се молат сите да ја напуштат станицата, гласеше соопштение, прочитано преку разглас на железничката станица.
Стотици мигранти протестираа пред станицата и бараа да им биде дозволено да се качат на возови. – Германија, Германија, скандираа мигрантите, покажувајќи ги билетите пред кордонот полицајци.
Железничката станица е затворена од изутринава откако дојде до судири меѓу дел од мигрантите, кои се обидоа да ги отворат вратите на перонот, но полицијата не дозволи тие да се качат на воз.
Неколку мигранти обвинуваа дека платиле стотици евра за билети, откако претходно полицијата ги уверила дека ќе им биде дозволено да заминат со воз.
Вчера илјадници мигранти заминаа од „Келети“ со воз за Австрија и Германија. Околу 3.650 од нив простигнаа во Виена, што е рекорден број за еден ден.
Освен критики кон Унгарија, австриските власти нагласуваат дека едноставно не можат да примат толку голем број луѓе. Според полицијата, нема доволно службеници за ефективна проверка и регистрирање на сите ново пристигнати бегалци.
Според австриската полиција само шестмина од групата од 3.650 мигранти, жители на Авагнистан поднеле барање за азил во Австрија, јави ТАСС.
Австриските власти вчера повторно воведоа контрола на главните контролни точки долж границата со Унгарија.