Валентино Роси на Јамаха победи на трката за Големата награда на Велика Британија. На дождливата патека Роси ја забележа својата прва победа на патеката во Силверстон, четврта оваа сезона, а 112-та во кариерата.
Зад Роси, втор во целта влезе возачот на Прамак Дукати, Данило Петручи, кој го забележа накдобриот резултат во кариерата, додека трет беше Андреа Довициозо на Дукати.
Бранителот на титулата Марк Маркез не ја заврши трката, откако излета од патеката на осум круга до крајот, додека најголемиот конкурент на Роси тимскиот колега Хорхе Лоренцо беше четврти.
Во пресрет на последните шест трки во шампионатот Роси е лидер со 236 бодови, 12 повеќе од Лоренцо, додека Маркез е трет со 159.
Наредната трка ќе се вози во Сан Марино, на патеката „Марко Симончели“, на 13. септември.