СДСМ истапува од коалицијата Граѓани за Македонија, потврди денеска лидерот Зоран Заев.
„И официјално ги известуваме граѓанските организации за формално правно разединување. Се заблагодаруваме за добрата соработка, чесно е и тие да имаат активна независна улога. Опозицијата влегува во Парламентот на 1. септември, а на 20 Октомври во Владата. Ја продолжуваме соработката за демократизација на државата, но не во коалиција“, вели Заев.
Коалицијата Граѓани за Македонија обединува 70 невладини организации и 15 партии, а заедно настапија на граѓанскиот протестен митинг на 17 мај.
-Прво морам да им се заблагодарам на прекрасната соработка во функција на враќањето на слободата и демократијата. Целта на таа коалиција ние ја постигнавме. Чесно е за општеството и за иднината на Македонија да продолжиме да соработуваме, но секој во сегментот каде што е повикан да го даде својот прилог.
Граѓанските организации во секое општество, така и во нашето, мора да има активно независна политичка улога. Ние ќе соработуваме за цели за коишто се стремиме, а тоа се цели во интерес на државата и на граѓаните, но, граѓанскиот сектор, во периодот којшто претстои пред нас, мора да има активна независна улога. Опозицијата еве ја влегува во Парламентот. На 20 ти октомври ќе влеземе и во власта. Никаде во Европа, никаде во демократскиот свет нема заедно граѓански сектор и политички партии. Ние може да се согласуваме и да соработуваме за одредени теми. Јас сум преблагодарен како прв од опозицијата за надметноста на граѓанскиот сектор и политичките партии да се сплотат кон заедничка цел. Навистина имавме соработка за пример, признаена од цела демократска Европа. Но, секако, соработката ќе продолжи но не во коалиција. Чесно е пред граѓаните на Македонија секој да го тера својот пат, онаму каде што е негова обврска и по Устав и по Закон, рече Заев.
Вчера до граѓанските организации беше испратено известување, потпишано од шефот на Кабинетот на Заев, Љупчо Николовски.
Почитувани,
Во име на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, најнапред сакам да Ви искажам огромна благодарност до сите Вас со кој бевме дел од коалицијата „Граѓаните за Македонија“, како и за Вашиот активен придонес кој го дадовте при организирањето на активностите и учеството на настаните на Кампот пред Владата на Република Македонија како и учеството во сите други активности.
Имено, со постигнувањето на договорот од 2јуни/15јули 2015 година, ние како политичка партија и нашата опозициона коалиција сме целосно фокусирани на имплементација на договореното како и на максимални политичко-програмски и оперативни подготовки за изборите.
Согласно договорот, на 1 септември СДСМ и опозицијата преку пратеничката група се враќа во парламентот, до 15 септември треба да го избереме Специјалниот јавен обвинител а веќе од 20 октомври ќе бидеме дел од институциите што неопходно треба да се нормализираат и демократизираат а со тоа треба да бидеме заеднички гарантори на фер, слободен и демократски процес на избори во април 2016 година.
Затоа, Ве информираме дека СДСМ истапува од коалицијата – Граѓаните за Македонија токму поради спроведување на се она што е договорено на 2јуни/15јули 2015 година во Скопје.
Вашата заложба и несебичен ангажман беа силна поддршка заедно да опстоиме во намерите и заедно да дојдеме до оставката на Никола Груевски и до вклучувањето во институциите на системот, единствено како гарантори за фер и демократски избори.
Убедени сме дека нашата воспоставена соработка ќе продолжи и понатака на секој можен начин и форма се со цел заедно да се избориме за слободата, правдата и демократијата во Македонија.
СДСМ и опозицијата е отворен, транспарентен и простор кој ќе ги мобилизира сите потенцијали и капацитети, без разлика од каде и да доаѓаат, а кои имаат за цел слободно, демократско и креирање на концепт на ново општество за сите. Општество со нови вредности и норми.
Затоа, ние силно ги охрабруваме организациите да продолжат со активностите во рамки на оваа силна коалиција – Граѓаните за Македонија.
Уште еднаш, во име на претседателот на СДСМ – Зоран Заев, Ви се заблагодаруваме на досегашната соработка која со сигурност ќе ја продолжиме и во иднина.