Турската Висока изборна комисија денеска потврди дека на 1. ноември ќе се одржат предвремени парламентарни избори.
– Изборите ќе се одржат на 1. ноември, изјави претседателот на Висока изборна комисија, Сади Ѓувен.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го овласти премиерот Ахмет Давутоглу да состави привремена влада, која ќе владее со земјата до новите избори.
Ердоган синоќа повика за одржување нови парламентарни избори. Веќе два месеца траеја преговорите за состав на коалициска влада, но беа неуспешни.
Давутоглу има пет дена за формирање на привремена влада, која треба да има претставници и од опозициските партии. Но, двете главни опозициски партии Републиканско народна партија (ЦХП) и Партијата на национално движење (МХП) соопштија дека нама да учествуваат во привремената влада.
Опозицијата го обвинува Ердоган дека сака нови избори со надеж дека Партијата на правдата и развојот (АКП) ќе успее да го врати парламентарното мнозинство, што го загуби на изборите во јуни.
Ердоган апелира новите парламентарни избори да се одржат на 1. ноември, но датумот треба да биде потврден од Високата изборна комисија.
Давутоглу најверојатно ќе формира преодна влада од независни лица и пратеници од прокурдската Демократска партија на народите (ХАДЕП). Со тоа Давутоглу се доведува во непријатна позиција бидејќи ХАДЕП претходно беше одбиена како коалициски партнер поради поврзаноста со курдските бунтовници.