„Како партија која со години се залага за промена на изборниот модел во една изборна единица и самостоен настап на партиите на избори, ДОМ изразува големо задоволство од позитивниот пресврт во преговорите на оваа тема. Очекуваме дека, по СДСМ и останатите три партии ќе го прифатат овој став и ќе покажат слух за барањата на граѓаните и потребата на државата за демократизација.
ДОМ е убеден дека нашето мултикултурно општество има потреба да се изрази преку широка политичка палета, а не да биде стеснето во само две опции. Овој нов модел ќе ја обои македонската политичка сцена и ќе и внесе жив дијалог, преку кој ќе се доаѓа до најдобри решенија. Поголемата конкуренција ќе ја подигне политичката култура и ќе внесе повеќе креативност, умереност и толеранција во политичките настапи и дебати“, велат од ДОМ.
„А што е најважно, со промената на црно-белиот свет ќе ослаби главниот генератор на политичките кризи, зашто тие главно настануваат поради преголемата и неконтролирана моќ на партијата што ќе победи. Со повеќе самостојни партии на изборите, ќе добиеме подемократски и похетерогени влади, базирани на постизборни коалиции. На Македонија не и требаат монолитни влади, цврсти како бетон, зашто градат авторитарен систем, кој лесно ја злоупотребува преголемата моќ, на штета на слободата, човековите права и демократијата.
Знаејќи ги сиве овие аргументи во прилог на една изборна единица со пропорционални листи, никако не можеме да прифатиме враќање назад кон мнозински изборен модел. Македонија свесно го напушти пред повеќе години, следејќи ја праксата на најголемиот број демократски земји во светот.
Научно е одамна апсолвиран мнозинскиот модел како најнеправичен, зашто еден добива се, а сите други губат. Освен тоа, тој најсилно и најотворено го стимулира бипартизмот, па кандидат може да победи само со силна партија зад себе и многу пари. Овој модел е типичен за изразито капиталистички неолиберални системи“, соопштуваат од ДОМ.