Документарниот филм „Мостот меѓу Битола и Нингбо“ чиј автор е новинарката Анета Шијакова, синоќа на „БитФест“ ја имаше својата фестивалска премиера.
Станува збор за креативна презентација на соработката и воспоставеното пријателство меѓу општините Битола и Нингбо од Кина, збратимувањето меѓу двата града и отворените перспективи за соработка на разни полиња, истакна авторката Шијакова на синоќешниот промотивен настан во овој град.
-Насловот на филмот ја истакнува симболиката врз која се потпира новото пријателство. Во Нингбо се наоѓа најголемиот прекуморски мост во светот, долг 36 километри, но мостот што ги поврзува Битола и Нингбо е сепак поголем и подолг и изнесува околу 12.000 километри со што уште посилни се отсликуваат добрите намери и цели на двете општини, посочи Шијакова.
Документарниот филм е сниман во Нингбо и Битола во текот на 2014 и 2015 година, а на синоќешната промоција публиката ги погледна посетите на кинеските делегации во Битола и нивниот интерес за економска соработка, како и престојот во Кина на битолскиот градоначалник Владимир Талески.