„ДОМ бара од градоначалникот и од претседавачот на советот во општина Карпош да го повлечат од седница Деталниот урбанистички план за Карпош 4. Ова е практично консензуално барање на сите жители на таа прекрасна зелена населба, зашто зеленилото и здравиот живот не познаваат ни партија, ни вера, ни етнос.
Граѓаните се со право револтирани од објавениот предлог за ДУП, зашто секој лаик може да види дека е предвидено уништување на сите, ама буквално СИТЕ паркови и игралишта! На нивно место се планира изградба на бесмислени стамбени згради, подземни и надземни гаражи и паркиралишта. Бесмислени се, зашто се залепени до прозорците и вратите на постоечките згради, надвор од било какви стандарди за урбанистичко планирање и хумано живеење! Карпош 4 е стамбена населба, а не бизнис кварт и никој нема право да ја менува нејзината основна намена!
Овој монструозен Детален урбанистички план е во полза единствено на неколку бизнисмени од градежништвото и на неколку политичари кои го туркаат надвор од нормална процедура. Наместо нормална јавна анкета, планот е тивко провлечен среде лето, што е и причина за огромниот шок на граѓаните, кога дознаа каква катастрофа му се спрема на зелениот Карпош 4!
За жал, ова не е осамен случај. Бизнис интереси се закануваат да го сотрат до крај целото зеленило во Скопје и во сите поголеми градови, каде земјишната цена е висока. Единствен спас е ИТНО носење на Закон за зеленило, со кој тоа ќе биде институционално заштитено, а државата ќе се обврзе на подигање ново, според европски стандарди.
Со оглед на тоа што предлог-законот на ДОМ беше одбиен 2 пати во 2 години, овојпат ќе се обидеме преку граѓанска петиција да го убедиме парламентарното мнозинство дека овој закон треба да се донесе. Петицијата може да се потпише во партиската централа, на собирни места низ градовите, како и електронски. Ги повикуваме граѓаните да ја поддржат и да се изборат за здраво и хумано живеење во градовите“, се вели во соопштението на ДОМ.
Демант на Општина Карпош: Поповска да не ја манипулира јавноста
„Госпоѓата Лилјана Поповска е во заблуда дека се поставени згради во деталниот урбанистички план во паркови и очигледно веднаш што се здружи со СДСМ почна со манипулации да ја замајува јавноста“, се вели во демантот од Општина Карпош.