Во кубанскиот главен град Хавана денеска ќе биде повторно отворена амбасадата на САД, што беше затворена во 1961 година, по тогашниот целосен прекин на односите меѓу двете соседни земји.
На церемонијата на отворање на американската дипломатска мисија ќе присуствува и државниот секретар на САД, Џон Кери.
Американското знаме, што ќе се вее на зградата, ќе го подигнат тројца поранешни маринци, сега пензионери на возраст од 80 години.
Станува збор за истите тројца маринци, кои пред 54 години го симнаа знамето од јарболот, по прекинот на американско-кубанските односи и затворањето на мисијата на САД во Куба на 4 јануари 1961 година.
Повторното отворање на американската Амбасада во Хавана, доаѓа по отворањето на кубанската дипломатска мисија во Вашингтон минатиот месец.
Отворањето на амбасадите се извршува врз основа на спогодбата меѓу САД и Куба за обнова на дипломатските односи, што во декември минатата година ја најавија претседателите Раул Кастро и Барак Обама.
Поранешниот кубански лидер Фидел Кастро, меѓутоа, воопшто не го споменува овој денешен настан во своето писмо што го објавува во партискиот весник „Гранма“.
Во написот, објавен по повод неговиот 89-ти роденден, Кастро ја критикува американската надворешна и економска политика, по Вторатата светска војна и признава дека воопшто не им верува на Американците.
Фидел Кастро смета дека САД им должат на Куба „многу пари“ поради воведеното трговско ембарго пред 55 години, што тој го нарекува „блокада“ и смета дека нема да има вистинска обнова на односте со Вашингтон, се додека ембаргото не биде целосно укинато.
Својот роденеден, некогашниот „ел команданте“ го прослави во Хавана, заедно со своите пријатели, левичарските претседатели на Венецуела, Николас Мадуро и на Боливија, Ево Моралес.