Не сакам да верувам дека постојат сили во Грција кои сакаат да не испратат кон преоден заем, изјави грчкиот министер за финансии Еуклид Цакалотос во воведното обраќање на денешната седница на парламентарната комисија, која одлучува за итноста на гласањето на договорот меѓу грчката Влада и кредиторите.
– Имавме цел да преговараме за нов договор. Ние ја извршивме нашата должност, и верувам дека не треба да има ниту еден кој работи за преоден кредит. Утре мора да одам на состанок на Еврогрупата, бидејќи парламентите на другите земји од еврозоната заседаваат за ова прашање, рече тој.
Цакалотос додаде дека ако нема договор на средбата на Еврогрупата, Финска нема да гласа, и Грција ќе мора да оди на преоден заем.
– Оној што сака да го преземе овој ризик нека гласа против нашето барање за забрзани постапки, рече тој.
Грчкиот министер, исто така, предупреди дека ако договорот не биде изгласан денеска, тој ќе биде принуден да го прифати решението за преоден кредит на утрешниот состанок на Еврогрупата.