Објавена книга со стари македонски писмовници од Михајло Георгиевски

Од:

Книгата „Македонски писмовници (епистолари) од 16 и од 19 век“ од д-р Михајло Георгиевски е објавена во издание на „Македоника литера“ од Скопје. Со транслитериран текст и истовремено во факсимили во книгата се објавени четири стари македонски писмовници: Слепченскиот, кој потекнува од 16 век, писмовниците на Христе Хаџи Константинович од Прилеп, Арсениј Поп Стефанович и на проигуменот Леонтиј Хиландарски – трите од 19 век.

Писмовниците претставуваат книги – зборници со обрасци за пишување писма по разни поводи, создадени од црковни или световни лица. Познати се и под името епистолари. Епистоларната литература има долга и стара традиција. Таа се зародува во Византија, а од таму се проширува и во словенските земји.

Засега како најстар и најзначаен македонски писмовник е Слепчен¬скиот писмовник од средината на 16 век. Тој е напишан во Слепченскиот манастир – Демирхисарско, а се чува во Државната библиотека во Москва.

Во Република Македонија денес се чуваат три писмовници од 19 век, и тоа: Писмовникот на Христе Хаџи Константинович учител прилепски од град Прилеп Македонија од 1824 година, Писмовникот на Арсениј Поп Стефанович од 1844 година и Писмовникот на проигуменот Леонтиј Хиландарски од почетокот на 19 век.

Михајло Георгиевски има објавено околу триста научни и стручни трудови од областа на културната историја на Македонија.

Негови поважни објавени монографски трудови се: Македонска печатарска дејност (1972), Манастирските библиотеки и читалишта во Македонија (1975), Македонското книжевно наследство од 11 до 18 век (1983), Каталог на старопечатени и ретки книги во НУБ „Св. Климент Охридски“ (1983), Библиотекарството во Македонија меѓу двете светски војни (1989), Словенски ракописи во Македонија (шест книги – од кн. III до кн. VIII), Македонски светци (1997), Прилози од старата македонска книжевност и култура (кн. 1 – 1997, кн. 2 – 2009), Општохристијански култни светци во Македонија (2008) и Македонски црковни псалти (2013).

За својата научна дејност е добитник на наградите „Св. Климент Охридски” (2001) и на „23 Октомври” (2009).

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска