Министерството за култура најави голем број настани во ликовната дејност кои со негова поддршка ќе се реализираат до крајот на годинава.
Уметникот Сергеј Андреевски во периодот од 1 до 15 септември ќе има изложба со сликарски перформанс „Молитва на песот“ во рамки на Меѓународниот руско-балкански фестивал „Росбалкфест 2015“ во Москва, а во организација на Амбасадата на РМ во Прага на 10 септември ќе се реализира изложбата „Невидливо Скопје (градот низ урбанистички планови)“.
На 5 ноември уметникот Решат Амети ќе има изложба во Берлин, а по повод одбележување на 20 години од дипломатските односи меѓу Македонија и Азербејџан на крајот на октомври, на покана од Здружението на азербејџански уметници, Институтот за уметности и култура „Арс акта“ ќе ја реализира изложбата „Во потрага по заедничко тло“ во Центарот за современа уметност во Баку.
Во средината на ноември ќе се реализира 5-тата Недела на дизајн во Скопје, во организација на Здружението „Јавна соба“.
– Овој настан е од особено значење бидејќи претставува еден вид единствена меѓународна платформа која придонесува за развој на дизајн-сцената во Македонија, но и на глобално ниво ги промовира младите дизајнери и иноватори од Македонија, информира Министерството за култура.