Книгата „Збркана сказна“ на Киро Донев ќе биде преведена на украински јазик

Од:

Украинскиот издавач „Тврдина“ ќе го објави на украински романот за деца „Збркана сказна“ од  писателот Киро Донев, откако неодамна ја објави неговата книга раскази  „Весел зоопарк“.

Издавачот од Украина е задоволен од одличниот прием на „Весел зоопарк“ кај најмладите читатели. Книгата раскажува за веселиот животински свет и, како и другите дела на Донев, ја карактеризира инвентивен и луциден хумор.

Поради тоа, издавачот се заинтересирал за превод на уште една книга на авторот за која неодамна со него потпиша договор за превод. „Збркана сказна“ треба да биде објавена на украински јазик до крајот на годинава и, како и претходната книга, од македонски на украински јазик ќе ја преведе Ана Баграјана.

Романот „Збркана сказна“ е објавен и на бугарски јазик од  издавачката куќа „Милтипринт“ од Софија, во превод на  Тања Попова.

Двата објавени превода („Весел зоопарк“ на украински и „Збркана сказна“ на бугарски) се поддржани од Министерството за култура преку Конкурсот за странски издавачи.

Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на триесетина книги за деца, пред се прозни дела: романи, раскази, гатанки, повести, пиески и сликовници, а за своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Република Македонија.

Покрај  „Збркана сказна“ (1986) и „Весел зоопарк“ (2007), Донев ги има објавено и поетската книга „Жаба спикер“, книгата пиески  „Априли – ли“, збирките раскази: „Било – не било“, ,„Ден по ден – година“, „Шарена криенка“, „Надуенка“, „Приказни од зоопаркот“, „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ и „Приказни од куќичката на дрво“,  и романите: „Внукот на мајорот“, „Манастирски ѕвона“, „Далаверите на Добре лошиот“, „Четириножните рицари“ и „Киндер квачка“.

Инаку, украинската издавачка куќа „Тврдина“ неодамна го објави и преводот на романот за тинејџери „Прва љубов во Розевата улица“ на младата писателка Натали Спасова (1989).

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска