Најдобриот македонски футсал клуб КМФ Железарец од денес доби сериозно засилување пред стартот на новата сезона. Екипата е засилена со доаѓањето на бразилскиот играч Даниел де Соуза кој во Железарец доаѓа од шампионот на Србија, Економац.
За првпат во историјата на македонскиот футсал во наша екипа ќе игра интернационалец од Бразил.
Даниел де Соуза има 30 години и својата кариера ја почнал во Бразил за во 2006 година да се пресели во Португалија, по две години се сели во Грузија каде настапувал за екипата на Ибериа Стар. Во 2009 година доаѓа во екипата на Економац каде останал до 2013 кога играше една година во екипата на Никарс од Рига, Летонија. Потоа повторно се вратил во Економац каде настапуваше до крајот на минатата сезона.
Во кариерата има освоено многу шампионски титули, бил шампион во Грузија, Летонија и 5 пати во Србија.
Со ангажманот на Соуза, Железарец оваа сезона се надева на пласман подалеку во Футсал купот на УЕФА (Лига на шампиони во футсал).
Квалификацискиот турнир од ова натпреварување ќе се игра во Скопје а ќе настапат и екипите на Аса Бен Гурион од Израел и Аугур Талин од Естонија. Натпреварите од групата Ф се играат од 27 до 29 август во СРЦ Кале.