Српскиот премиер Александар Вучиќ денеска изрази надеж дека меѓу Белград и Загреб постои расположение за договор за спорното прашање за границата меѓу двете држави, а ако до тоа, сепак, не дојде двете земји, верува , ќе се договорат тоа прашање да се реши на арбитража, јавува Танјуг.
-Се надевам дека со Загреб тоа ќе го решиме во добра клима, и мислам дека за тоа постојат добра волја и во Белград и во Загреб. Ако не, мислам дека ќе имаме сили заеднички да се договориме да одиме на арбитража, порача премиерот пред новинарите во Крупањ, одговарајќи на прашањето дали Србија може да биде во спор со Хрватите и Словенците имајаќи го во предвид делот од заедничката граница.
Вучиќ прецизира дека Србија има спор околу границата само со Хрватска и дека тоа не е само прашањето на Шаренградската ада, како тоа обично се поедноставува, и изрази уверување дека со дијалог и сериозен разговор може да се најде решение.
-Забележав, меѓутоа, дека не можат некои земји во своите политичко-правни судири околу границата, кои ги имаат најмалку со пет земји, да користат и пет различни принципи.
„Користете барем еден принцип, па да знаеме што мислите“, порача српскиот премиер. Тој кажа дека во спорот со Словенија и БиХ не можат да се користат два принципа, „со Црна Гора трет, а со Србија четврти“.