Претседателот на САД Барак Обама изрази силна поддршка на новиот претседател на Нигерија Мухамаду Бухари, истакнувајќи ги неговите напори за постигнување безбедност и мир во земјата.
Обама го прими Бухари во Белата куќа, истакнувајќи го значењето што САД го даваат на добрите односи со Нигерија. Поканата за посетата на Бухари на САД беше упатена веднаш откако тој беше прогласен за победник на изборите во март.
Според Обама новиот нигериски лидер има многу јасен план за борба со „Боко харам“ и секакви други екстремисти во земјата, како и за справување со корупцијата, што го попречува економскиот раст на земјата.
Нигерискиот претседател на средбата со Барак Обама се заблагодари на САД за поддршката за слободните и фер избори.
Бухари вчера се сретна и со американскиот заменик претседател Џо Бајден, кој за време на средбата нагласи дека победата над тероризмот не може да биде постигната само со воени средства. Според Бајден воениот метод мора да биде во комбинација со силни социо-економски програми за поддршка.
По стапувањето на должноста претседател на Нигерија на Бухари, САД на земјата и доделија помош во висина од 5 милиони долари за борба против „Боко Харам“.