Политика – Белград
Додека ги слушате предизборните говори на американскиот претседателски кандидат републиканецот Џеб Буш, кој рускиот претседател Владимир Путин го нарекува силеџија и на кој му се заканува дека ако стане претседател на САД, неговата земја поинтензивно ќе одговори на агресијата на Русија во Украина и истокот на Европа, ќе помислите дека тоа е само предизборна кампања.
Ако имало барем малку сомнежи во изворите кои за „Њујорк тајмс“ рекоа дека Пентагон се подготвува да испрати тенкови, пешадиски возила и друго тешко вооружување во балтичките и источноевропските земји, по потврдата дека Полска веќе најмалку еден месец преговара за тоа со САД, сега повеќе нема.
Имено, полскиот министер за одбрана Томаш Шемоњак рече дека Полска води преговори со САД за разместување на американско тешко вооружување на свое тло. – Водиме такви преговори со Вашингтон. За тоа разговарав во текот на својата последна посета на САД на 19 мај, со американскиот колега Ештон Картер, рече Шемоњак за агенцијата ПАП, реагирајќи на натписот во „Њујорк тајмс“ за разместување на тешко вооружување во земјите на источна Европа. Тој додаде дека САД ветиле дека наскоро ќе се донесе одлука за тоа.
Повикувајќи се на американските и на лидерите на сојузниците на САД, весникот наведе дека тоа во случај предлогот да се одобри, би било направено за да ја одврати можната руска агресија во Европа.
Според доверливи извори на овој весник, се очекува предлогот да го одобри американскиот секретар за одбрана Еш Картер и Белата куќа пред состанокот на НАТО министрите во Брисел овој месец. Тоа би било прв пат по студената војна САД да стационираат тешко оружје во новите членки на НАТО во источна Европа, кои порано беа дел од Советскиот Сојуз.
Предлогот предвидува опрема доволна за околу 150 војници да биде стационирана во секоја од трите балтички земји Литванија, Летонија и Естонија, додека опремата доволна за потребите на батаљон од околу 750 војници ќе биде стационирана во Полска, Романија, Бугарија и можеби Унгарија.
Само неколку дена по објавувањето на големото истражување на јавното мислење во клучните земји-членки на НАТО, се откри дека третиот Буш, кој е во трка за претседател, го зборува токму она што мнозинството Американци сакаат да го слушнат и што прави Администрацијата.
Имено, според истражувањето на американскиот институт за истражување на јавното мнение „Пју“, кое е објавено минатата недела, токму Американците се најрасположени за воена акција, ако Русија нападне некоја членка на НАТО или сојузничка држава.
Европа не е за војна
Со анкетата се опфатени над 11.000 граѓани во осум земји членки на НАТО: САД, Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Полска и Шпанија, како и во Украина и Русија.
Единствено јавноста во САД и Канада во над половичен процент смета дека нивните земји треба да преземат воена акција.
На прашањето дали НАТО треба да употреби воена сила за да одбрани сојузничка земја ако би била нападната од Русија, 56 отсто Американци одговориле потврдно и 53 отсто Канаѓани, додека толку, па и повеќе Германци 58 отсто сметаат дека не треба да интервенираат. Напротив, воената интервенција во Германија ја поддржале само 38 отсто испитаници.
Не се само Германците против воена интервенција. И останатите Европејци во однос на војна би дале предност на испраќање на економска помош, конкретно во случајот со Украина.
Од Американците, само Италијанците биле помалку склони да пратат економска помош во Украина, од нив 62 отсто, додека најволни за праќање на економска помош биле Полјаците и Шпанците, дури 77 отсто.
Испраќање на оружје
Ако американската администрација усвои предлог за испраќање оружје во балтичките земји, т.е. во близина на границата со Русија, ќе се покаже дека за тоа има поддршка од своите граѓани, бидејќи на прашањето за испраќање на оружје на украинската Влада во Коев, повторно најголема поддршка дале Американците 46 отсто и Полјаците 50 отсто. Во сите други сојузнички земји малкумина веруваат дека НАТО треба да прати воена помош на украинската влада. Оваа мерка многу ниско котира, посебно кај Германците 19 отсто, Италијанците 22 отсто и Шпанците 25 отсто.
Покрај тоа, ако се исклучат Полјаците, само помалку од една третина се изјасниле за заострување на санкциите кон Русија. Сепак, мнозинството кај јавноста сака да ги задржи санкциите на постоечкото ниво 49 отсто, додека за намалување се 15 отсто.
Како што се гледа од досегашните одговори на граѓаните на прашањето по повод состојбата во Украина, не изненадува фактот дека поддршката на НАТО во Германија во 2015 година е евидентирана на 55 отсто, што е за речиси 20 отсто пониско во однос на 2009 година, кога изнесувала 73 отсто. Во истражувањето е наведено дека ваквиот резултат е последица од тоа што Германците во источниот дел на Германија имаат двојно поголема доверба во рускиот претседател од граѓаните на западна Германија.
Јавноста на членките на НАТО смета дека на Украина во актуелната криза требало да и се прати економска помош, но со исклучок на Германија и Италија, мнозинството сметаат дека Украина треба да стане членка на НАТО.
Меѓутоа, другите мерки за решавање на кризата добиваат многу послаба поддршка меѓу овие сојузници или барем покажуваат поголема поделба. Околу половина Германци 54 отсто, Французи 53 и Италијанци 47 отсто, се против можноста Украина да се приклучи кон ЕУ, додека поддршка даваат Шпанците 65 отсто, Полјаците 60 и Британците 53 отсто.
Ако, ќе дојдат САД
Интересно е дека многу сојузнички земји не сакаат да го поддржат клучниот член на Северноатланскиот договор, кој подразбира напад на една членка да се смета за напад на сите и останатите членки на НАТО со вооружена сила треба да го бранат нападнатиот сојузник.
Во сите анкетирани држави јавноста повеќе сака да мисли дека САД ќе дојдат во одбрана на сојузниците, просечно 68 отсто, од што се волни тоа сами да го направат. Иво Далдер, поранешен американски амбасадор во НАТО и претседател на Чикаго глобал аферс, за „Њујорк тајмс“ заклучи дека сериозен напор ќе бара НАТО да ја убеди својата јавност за потребата, ако биде потребно, да се подготват за одвраќање на руски напад.
Истражувањето само ја потврди во јавноста присутноста на загриженоста на балтичките земји кои бараат заштита од НАТО од потенцијално руско мешање.
Колку на кого Русија им е виновна
Во просек 39 отсто од јавноста во членките на НАТО смета дека Русија е главен виновник за судирот во Украина, додека на далечното второ место се проруските сепаратисти од Доњецк и Луганск, за кои 18 отсто испитаници веруваат дека ја почнале војната.
Истражувањето покажало дека остри разлики во НАТО постојат и во поглед на тоа колку Русија е закана по соседните држави, изземајќи ја Украина, како наведено во прашањето. Од сите анкетирани, Полјаците најмногу биле вознемирени, 70 отсто од нив велат дека Русија е голема воена закана, по нив следат Американците со 59 отсто, па Британците со 53 отсто.
Германија, која го предводи мировниот договор е сосема на другиот крај на спектарот: само 38 отсто Германци рекле дека Русија е опасност за соседните земји, а само 29 отсто ја обвиниле Русија за насилство во Украина. Мал број од сите анкетирани сметаат дека украинската влада е виновна за војната, како и западните земји, но околу една четвртина одговориле дека не знаат кој е виновен.
Позитивниот впечаток за претседателот на Русија Владимир Путин продолжува да расте во текот на судирите во Украина, покажа истражувањето. Но, само во Русија. Значително мнозинство Руси го одобруваат начинот на кој Путин ги решава внатрешните и меѓународните прашања. Оваа поддршка се одразува наспроти тоа што Русите, во однос на 2014 година, се понезадоволни од актуелната економска состојба.
Од 80 до 90 отсто, од околу 1.000 анкетирани граѓани на Русија, одобруваат како Путин ја води меѓународната политика, т.е. како ги одржува односите со Кина 90 отсто, со САД 85 отсто, Украина 83, ЕУ 82 отсто, додека поддршката опаѓа на прашањата за енергетската политика 73 отсто, економијата 70 и корупцијата 62 отсто.
Процентуално, најостра критика е искажана по прашањето на кој начин рускиот претседател се бори против корупцијата 29 отсто, економијата 23, енергетската политика 14 отсто, а незадоволни од односите со Украина се 13 отсто, ЕУ 11 отсто, а САД 10 отсто.
Американската агенција дојде до резултати дека рускиот национализам цело време е на високи 63 проценти, тие кои имаат позитивна слика за својата земја, што е за 34 отсто проценти повеќе од 2013 и 12 отсто повеќе од изминатите 12 месеци. Покрај тоа 69 отсто Руси сметаат дека е лошо што се распаднал Советскиот Сојуз, а 61 отсто сметаат дека делови на други земји навистина припаѓаат на Русија.
Кризата во Украина само дополнително ги продлабочи двостраните аномозитети меѓу Русија и Западот. Само една четвртина анкетирани во јавноста во НАТО земјите сега имаат позитивен став кон Русија. А само 12 отсто Руси даваат позитивна оценка.
Најлоша слика за Русија имаат Полјаците, од нив само 15 отсто чувствуваат наклонетост. Сличен однос имаат и Британците 18 отсто, а најнаклонети се Французите со 30 отсто, зад нив се Германија и Италија со по 27 отсто.
Путин во земјите на НАТО од секогаш имал низок рејтинг и во последните години тој дополнително падна. Врв на популарноста имал во 2003 година, кога 75 отсто Германци имале доверба дека тој води добра меѓународна политика, 54 отсто Канаѓани, 53 отсто Британци, 48 отсто Французи, 44 отсто Италијанци и 41 отсто Американци.
Денес, просечно помалку од една четвртина испитаници имаат доверба во неговото лидерство, од тоа најмалку Шпанците шест и Полјаците девет отсто. Во сите земји овие показатели се многу пониски од показателите во 2014 година.
Рускиот позитивен став кон САД и ЕУ исто така паднал за повеќе од 30 процентни поени од 2013 година, од пред почетокот на кризата. Половина Руси рекле дека НАТО е главна воена закана за нивната нација. И Русите во огромен број 83 отсто од нив, се против Украина да стане членка на НАТО, а за влез на оваа земја во ЕУ има помали несогласувања, но сепак се над половината, 68 отсто.
НАТО ја поддржува Украина, но Украинците сакаат повеќе
Американската истражувачка агенција ја интересирало и што мислат самите Украинци за моментната состојба, можните видови на помош и начините да се најде решение.
Како што е наведено, наспроти сериозните безбедносни ризици во Украина, истражувачите успеале да разговараат со граѓани во сите региони (што според нивна проценка чинат околу 80 отсто од населението), со исклучок на Доњецк и Луганск, т.е. Донбас кој е под контрола на проруските сили и Крим, кој по референдумот се припои кон Русија.
Речиси мнозинството т.е. 47 отсто Украинци изразуваат поддршка на преговорите со бунтовниците и Русија, но Донбас да остане во состав на Украина. Околу една четвртина (23 отсто) сметаат дека употребата на воена сила во борбата против сепаратистите е најдобар начин да се заврши судирот на исток.
Националните разлики во врска со преговорите и саканиот резултат, покажаа дека и во истражувањето се доминантни. Додека мнозинство Украинци надвор од Донбас и Крим велат дека Луганск и Доњецк треба да останат дел од Украина, било во ист статус во однос на владата во Киев како пред судирот (51 отсто) или со добивање на поголема регионална автономија (33 отсто), од друга страна, повеќето испитаници анкетирани во Русија сметаат дека овие две области треба да се отцепат, било да станат независни држави (35 отсто) или дел од Русија (24 отсто).
Мнозинството Украинци кои живеат надвор од Донбас и Крим го поддржуваат приемот на економска помош од западните земји (71 отсто), влезот во ЕУ (67 отсто) и заострувањето на санкциите кон Русија (65 отсто). Исто така, повеќе од половината, но за речиси 20 проценти помалку од тие кои сметаат дека е доволна економската помош, сакаат НАТО во Украина да прати воена помош (54 отсто) и Украина да се приклучи кон НАТО (53 отсто).
Украинците на запад се многу порасположени Украина да влезе во НАТО (68 отсто), од тие на исток (34 отсто), притоа се мисли на источниот дел на Украина без Донбас, т.е. крајниот исток на земјата. Речиси ист однос е застапен и по повод примањето на воена помош, 68 отсто се за во западна, а 38 отсто во источна Украина, без Донбас.
Меѓутоа, Украинците, ни западните, ни источните, не сакаат да се придружат на евроазиската економска унија со Русија, 82 отсто на запад и 61 отсто на исток.