Со изведба на „Кармина Бурана“ од Карл Орф, на ансамблот „Ла фура делс Баус“ од Шпанија, под диригентската палка на Хозеп Висент, а во придружба на оркестарот на Македонската опера и балет и Македонската филхармонија вечер на сцената на Античкот театар во Охрид ќе почне 55. јубилејно издание на фестивалот „Охридско лето“.
Шпанската продуцентка на ансамблот Ла фура делс Браус, Марта Кол синоќа на прес-конфернција изрази благодарност за поканата за учество, со ветување дека ќе се потрудат на концерт, освен музички да вклучат и видео ефекти, кои ќе претставуваат уште еден инструмент во целата музичка претстава.
– Сите кои ја знаат „Ла Фура делс Баус“ знаат дека тие користат и други материјали како што се вода, воздух, оквири. Сите овие елементи ќе ги видите во шоуто утревечер. Користиме и парфеми, што значи дека ќе ги вклучиме сите чувства. Се надеваме дека Охрид ќе ужива во нашиот перформанс исто како што и ние уживаме во подготовките, посебно на едно вакво убаво место опкружено со езеро и на прекрасен фестивал, рече Кол.
Диригентот Висент на традиционалниот прием што Охридско лето го организира секоја година истакна дека по пристигнувањето во Охрид веднаш отишол да ја види сцената на Античкиот театар.
– Некои театри имаат убава местоположба, некои пак имаат енергија. Овој театар ги има и двете. Како музичар, и воопшто како уметник, морате да ги земете и околностите кои го опкружуваат местото каде ќе настапите за од тоа да направите нешто посебно. Местото, времето, темепратурата, се тоа придонесува каква претстава ќе направиме. Ова е многу важно и за „Ла Фура“ и за мене. Сигурен сум дека оваа „Кармина Бурана“ ќе ја претставиме во едно убаво светло, изјави Висент.
Селекторот на драмскиот дел од програмата на Охридско лето Ѓорѓи Јолевски вети дека секоја претстава на 55. фестивалско издание ќе биде изненадување, екстракт на љубов и убавина.
– Сите претстави ќе бидат одржани на отворено, под ова прекрасно ѕвездено небо на Охрид и се разбира почетокот во предворјето на Света Софија со една од најдобрите претстави во регионот „Неопланта“ во режија на Андраш Урбан, информира Јолевски.
Годинашната драмска програма на „Охридско лето“, според него, изобилува со многу новитети. – Меѓу другото со четири премиери на македонските продукции и во секоја од нив се инволвирани странски режисери, продуценти и копродуценти. Драмската програма на фестивалот во изминатите 55 години донесе феноменални режисерски имиња и големи продукции од светските театарски сцени, истакна Јолевски.
Гордана Јосифова-Неделковска селекторот на музичкиот дел на фестивалската програма посочи дека изминатите години трагале по уметник-ѕвезда од светски калибар и годинава ќе понудат нешто ново, поинакво.
– Тоа ќе биде еден мултимедијален спектакл, кој се надеваме ќе ја импресионира почитуваната фестивалска публика. Педесет и петото издание биде отворено со едно од најмаркантните дела на 20-от век, „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф во продукција на една од најпознатите шведски куќи „Ла Фура дел Баус“ од Шпанија. Во овој проект учествуваат оркестарот на Македонската филхармонија, оркестарот, хорот и балетот на Македонската опера и балет заедно со комплетната солистичка екипа од Шпанија. На сцената ќе бидат повеќе од 150 изведувачи, а она што ќе се случи на сцена, не може да се опише со зборови, рече Јосифова-Неделковска .
Присутните на приемот ги поздрави и охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, кој оцени дека се е подготвено за едно големо доживување и ги повикува сите вљубеници во театарот и музиката, да дојдат во Охрид и да уживаат во спектаклот што ќе го приреди „ла Фура делс Баус“ од Шпанија.
На свеченото отворање на 55. Јубилејно издание на Охридско лето вечер ќе се обрати претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој претходно во Вилата „Билјана“ ќе ги прими организаторите на фестивалот и членовите на ансамблот „Ла фура делс Баус“ од Шпанија.