Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини ја откажа посетата на БиХ поради ангажираност во преговорите за иранската нуклеарна програма во Виена, изјави нејзината портпаролка Маја Коцијанчич.
Коцијанчич потврди дека Могерини нема да пристигне денеска во Сараево, но постои можност утре да присуствува на церемонијата по повод 20-годишнината од геноцидот во Сребреница.
– Се тоа зависи од темпото на преговорите во Виена, истакна Коцијанчич.
Според првичниот план, Могерини денеска требаше во Сараево да се сретне со членовите на колективното босанско претседателство, со премиерот Денис Звездиќ и со министерот за надворешни работи Игор Цернадак. Предвидено беше Могерини од името на ЕУ да го потпише и рамковниот договор за учество на БиХ во операцијата на ЕУ за управување на кризи.