Во новиот објект на Народниот театар „Јордан Х.К.-Џинот“ во Велес синоќа се одржа концерт на класична музика на дуото Фросина Богдановска од Велес и Жанна Ли од Алма Ата од Казахстан.
Тие настапија со Соната за две виолини од Е.Изаи, Соната за две виолини во Ц-дур од С.Прокофиев и со Навара од П.Сарасате. На крајот на концертот беше изведена и една композиција со пијано придружба на Марија Ѓошевска.
Двете виолинистки во моментот се дел од Оркестарот на австриското радио.
Дваесет и деветгодишната Фросина Богдановска е родена во Велес, а на виолина свири од најрана возраст. Добитник е на бројни награди и признанија во земјава и светот. Настапувала како солист на ФМУ, Македонската Опера и Балет, Македонската филхармонија, младинскиот оркестар при ЦЕИ и повеќе камерни ансамбли. Настапувала во повеќе земји како Австрија, Турција, Словенија, САД, Хрватска и Германија. Работела и во Виенскиот симфониски оркестар.
Богдановска, која свири на виолина изработена од нејзиниот татко Светозар Богдановски, познат изработувач на виолини, изјави дека и е голема чест и задоволство што настапува во својот роден град.
– Особено сум среќна што моите сограѓани ми возвратија со голема посетеност и изненадена сум што велешани знаат да ја ценат културата. Да се свири дома е најтешко, но затоа и аплаузот толку многу ми значи, истакна Богдановска.
Концертот беше дел од манифестацијата на Министертсвото за култура и Општина Велес „Велес-град на културата-2015“.
Дуото Богдановска и Ли ќе имаат свој настап во вторник во Музејот на град Скопје во рамки на „Скопско лето“.