Шумски пожари зафатија неколку шпански провинции и ги принудија властите да извршат евакуации, а службите на Европската унија соопштија за исклучително голем ризик од избувнување на нови, бидејќи според прогнозите нема да дојде до намалување на температурите.
Во јужната автономна област Андалузија службите за заштита на населението соопштија дека денеска користеле авион за да го изгаснат пожарот во селото Лухар во планинскиот венец Сиера Невада.
Службите информираа дека пожарите, кои според некои проценки зафатиле плоштина од околу 1.800 хектари, принудиле 600 лица да ги напуштат своите домови.
Локалните властите во Андалузија, каде според прогнозите температурите достигнуваат 42 степени, соопштија дека пожари има и во провинциите Велва и Хаен.
Според шпанското Министерство за земјоделство нема податоци за загинати во пожарите, кои синоќа зафатиле уште пет шпански провинции.