Партиската книшка станува основно хоби

Од:

Политика – Белград

Две третини од граѓаните во Србија, според последното истражување на Цесид, не веруваат во политичките партии. Со тоа како да е потврдено веќе врежаното лошо мислење за политичарите.

Но, зошто тие исти граѓани попрво се зачленуваат во партиите отколку во синдикатите? Последната анкета на јавното мислење на Цесид покажува дека од сите активистички организации, партиите имаат убедливо најмногу членови.

Наместо незадоволството од начинот на кој партиите им ја кројат судбината да го изразат со ангажирање во синдикатите и невладините организации или со основање на нови општествени движења, како во Шпанија и Грција, граѓаните остануваат верни на партиите во кои истовремено не веруваат. Како причина зошто сакаат партиска книшка, 65 отсто од испитаниците го наведуваат личниот интерес.

Остварување на интересите преку партиите, ако е за утеха, не е својствено само за нас, тврди социологот Владимир Вулетиќ, кој смета дека партиската книшка овозможува пред се да се дојде до влијателни луѓе.

– И во најразвиените земји поединци се обидуваат да дојдат до работа или остварување на своите интереси преку партиите, кои уште Макс Вебер ги дефинирал пред се како интересни групи во таа смисла. Но, во Србија, како и во другите општества со висока невработеност, постои изразен непотизам и други видови на привилегирано вработување, освен партиското. Затоа е поважно да се има роднина или пријател на позиција, отколку да се биде член на партија, истакнува Вулетиќ.

Ниту ставот дека сите политичари се исти не е српски патент. Недовербата во партиите е се поизразена во регионот, но и во развиените европски земји, вели Бојан Клачар, извршен директор на Цесид, организација која го спроведе наведеното истражување.

– Но, додека во Европа граѓаните се обидуваат тој проблем да го решат со основање на нови општествени движења, во Србија граѓаните не само што се зачленуваат во партиите, туку и редовно гласаат за нив, иако половина испитаници сметаат дека Србија оди во лоша насока, а истовремено паѓа довербата на граѓаните и во Владата и во Парламентот. Од друга страна, во речиси секоја друга институција која ја меревме дојде до пад на активноста. Секој четврти граѓанин во 2007 година бил член на некое спортско или хоби здружение, а хобистите денесе се на ниво на статистичка грешка, наведе Клачар.

На таа табела, второпласирани според бројот на членството се синдикатите, со двојно помалку членови во однос на партиите. Тоа може да се објасни со малата понуда на работни места, што според Вулетиќ, претставува поголем проблем од партиската привилегираност во барање на работно место.

Но, и тие кои се вработени, попрво се определуваат за партиска, отколку за синдикална борба. Причина за тоа не е само слабо развиената традиција на синдикалното движење во Србија, туку и во отуѓеноста на работничките лидери од тие чии права треба да ги застапуваат, како и политичките влијанија, смета Јасна Јанковиќ, претседателка на Унијата на синдикати на просветните работници на Србија. Петмесечниот штрајк на наставниците, во кој и таа учествувала, сепак го привлече вниманието во најшироката јавност.

– Нашиот протест беше аполитичен, а цело време бевме и на изворот, во комуникација со колегите. Многу синдикални лидери седат во канцеларии и немаат допир со членството и работниците. И јас веројатно би се одродила од тоа да сум на нивно место, истакна професорката, која во текот на штрајкот на наставниците го стави на мака ресорниот министер Срѓан Вербиќ.

Синдикалната борба која би го ослабела влијанието на партиите не мора да биде залудна, смета таа.

– За да ја намалат апатијата, секој мора да најде надеж и волја, да биде храбар во искажувањето на незадоволството. Ние со штрајкот сакавме и со пример да им покажеме на учениците, дека и тие кога ќе пораснат треба да имаат свој став и мислење и така ги подготвуваме на борбеност која им е потребна за цел живот, вели Јасна Јанковиќ.

Таа борбеност, судејќи според Бојана Кларача, недостасува и кај возрасните ширум регионот, бидејќи во цела Југоисточна Европа постои апатија во поглед на успешноста на личниот активизам. Поради тоа многу луѓе одат на линија на помал отпор, со приклучување кон партиите, кои додека јавноста не се охрабри и не се освести и натаму ќе имаат многу кариеристи меѓу членството.

Дали од тоа и самите партии можат да имат штета? Владимир Вулетиќ смета дека во таков случај, проблемот за внатрешна стабилност на партиите настанува кога масовно членство се запишува за ограничен број на работни места, поради што се создаваат кланови и фракции.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Се урна дел од Железничката станица во Нови Сад, има повредени

Два земјотреса кај Врање

Европската Комисија: Стратегиската насока на Србија е под знак прашалник

Горан Наумовски

Дачиќ: Откриена е голема измама, жртвите останале без милиони евра

Горан Наумовски

Експлозија во воената фабрика „слобода“ во Чачак, двајца повредени

На фарма во Србија е пронајдена шпионска опрема и опасни материи