Трошоците на живот во јуни се на исто ниво како и во мај, а во споредба со јуни минатата година се зголемени за 0,5 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.
Според статистичките податоци, цените на мало во јуни се намалени за 0,3 проценти, а во однос на истиот месец минатата година се намалени за 0,6 проценти.
Пораст на трошоците на живот е забележан кај свежото овошје за 18,5 проценти, сувото овошје за 4 проценти, маслото и маснотиите за 3,1 проценти, другите прехранбени производи за 1,3 проценти, јајцата за 1 процент, како и кај рибата, конзервираната риба и алкохолните пијалаци за 0,2 проценти.
Пораст на индексот на трошоците на животот има и кај болничките услуги за 6,2 проценти, услугите за сместување за 4,3, информатичката опрема за 1,9, течните горива за домаќинствата за 0,4 и големите електрични апарати за 0,3 проценти.
Намалување на трошоците на животот има кај свежиот зеленчук за 8,6, конзервираните месни производи за 0,7, полутрајните колбасичарски производи за 0,6, трајните колбасичарски производи за 0,5 и кај месото за 0,2 проценти.
Намалување е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 7,4, гасот за домаќинствата за 4,2, цврстите горива за 1,2, обувките за 0,6, средствата за лична хигиена за 0,4, како и мебелот и течните горива и мазива за 0,2 проценти.