Македонската книжевност на саемите во Франкфурт, Софија и Истанбул

Од:

Со поддршка на Министерството за култура, до крајот на годинава македонското книжевно творештво ќе биде претставено на меѓународните саеми на книгата во Франкфурт, Софија и Истанбул.

Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт, кој ќе се одржи во периодот од 14 до 18 октомври, е најзначаен меѓународен саем на книгата во светски рамки со застапеност на речиси сите значајни субјекти во издавачката дејност, како и на сите релевантни институции поврзани со издаваштвото, фондови за превод и публикување, национални штандови, библиотеки,… Македонија на оваа 66-та значајна саемска манифестација, како што соопшти Министерството, ќе ја претставува Здружението на издавачите и книжарите на Македонија од Скопје.

Покрај промоција на творештвото на реномираните автори од земјава, пред многубројните странски издавачи, преведувачи, агенти и посетители на Саемот во Франкфурт ќе биде посебно промовиран и Конкурсот за финансирање преводи на странски издавачи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици кој го спроведува Министерството за култура со цел поттикнување на творештвото, афирмација на статусот на авторот и промоција на македонската култура во меѓународен контекст.

Од 7 до 15 ноември 2015 година Здружението на албански издавачи и Сојузот на албански издавачи ќе ја претставуваат Македонија на  34. Саем на книгата во Истанбул, значајна саемска манифестација во регионот на која присуствуваат издавачи од целиот свет. Презентирани ќе бидат дела од најпознатите македонски и албански автори, како и дела на автори од другите националности кои живеат во Република Македонија.

По неколкугодишна пауза, од 10 до 15 декември македонската кинижевност ќе биде претставена на Саемот на книгата во Софија преку Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“. Претставувањето ќе биде насочено кон презентирање на современата книжевна традиција, културната историја и културното наследство на Република Македонија. На македонскиот штанд, активностите ќе бидат насочени кон промоција на современите македонски автори со претставување на актуелните книжевни остварувања во македонската литература и претставување на најновите преводи од македонски на бугарски јазик кои се реализирани преку Конкурсот за финансирање преводи на странски издавачи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици.

Во претставувањето на РМ на Саемот во Софија, покрај друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“, активно ќе биде вклучен и КИЦ на Република Македонија во Софија, со што ќе се овозможи побогата промоција на македонската литература и култура.

Македонија е една од земјите во светот која обрнува големо внимание на унапредувањето на книжевниот амбиент во земјава и континуираното присуство на светските настани од областа на книжевната дејност. Македонското литературно творештво во изминатите години редовно беше претставувано на позначајните меѓународни саеми на книгата во Франкфурт, Софија, Москва, Гетеборг,  Лајпциг, Париз, Болоња, Тирана, Белград и Истанбул.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска