Аргентинскиот сенат со огромно мнозинство го усвои нацрт законот со кој старосната граница за гласање се спушта од 18 на 16 години, а власта тврди дека со измените во изборното законодавство уште повеќе ќе се зајакне демократијата во земјата.
Нацртот на законот следниот месец треба да биде усвоен и во Долниот дом на парламентот со што ќе стане важечки закон.
Претседателката Кристина Фернандес го поддржа спуштањето на старосната граница за гласање „за да можат се повеќе млади луѓе да ја уживаат демократијата“.
Меѓутоа, дел од членовите на Сенатот сметаат дека се работи за изборна тактика на актуелната претседателка за да придобие што поголема поддршка на избирачите пред парламентарните избори планирани за октомври следната година.