Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје фест“ објави отворен повик за аплицирање за петтото издание, кое ќе се одржува од 5-ти до 8 ноември 2015 во Скопје.
Право да се пријават имаат сите филмови изработени во која било техника на анимирање, завршени по 1 јануари 2014 година кои претходно не биле пријавени на „Анимакс Скопје фест“.
За да бидат разгледувани, филмовите треба да бидат пријавени во една од следните категории: кратки анимирани филмови, долгометражни анимирани филмови (над 45 минути) и анимирани филмови за деца.
Краен рок за праќање на пријавите и видеоматеријалите е 20 септември 2015 година.
– Првпат годинава отвораме и повик за долгометражни анимирани филмови. Тоа е новитет кој сакаме да го одбележи ова петто јубилејно издание на фестивалот. Досега третиравме само кратка филмска форма, а сега започнуваме и со долга. Исчекор напред е и зголемениот број на денови на фестивалот, кој ќе трае четири наместо три дена, изјави Кузман Кузмановски, директор на фестивалот.
„Анимакс Скопје фест“ го организира продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со Креативен центар Тинтири-Минтири од Скопје. Финансиски е поддржан од Агенцијата за филм и Град Скопје, во соработка со Кинотеката на Македонија.
Како и во минатите години, и на петтото фестивалско издание ќе бидат доделени Златна, Сребрена и Бронзена тула во секоја натпреварувачка категорија, кои ќе ги избере меѓународно жири.
– Досега овој фестивал бележи нагорен тренд во бројот на пријавени филмови. Почнавме скромно а веќе на минатото, четврто издание имавме 326 пријавени анимирани филмови од 52 земји од светот. Тоа значи дека полека но сигурно се пробиваме на светската фестивалска сцена, додаде Кузмановски.