Суштината за волонтерството во Македонија треба повторно да се разбуди. Тоа не треба да биде механизам преку кој волонтерите ќе гледаат начин на заработка или доаѓање до работно место, туку филантропска работа за помош на заедницата.
За волонтерството – неплатена или злоупотребена сила, вчера во Кампот на слободата на 45. ден пред влада, се обратија Сашо Додовски од МКЦ Битола во улога на модератор, потоа Тоше Зафиров, Прогрес и Златко Талевски од МКЦ Битола
При самиот вовед, Додовски рече дека токму МКЦ Битола има реализирано огромен број на активности како волонтерски центар и има голем придонес во последните 10 години во волонтерството.
Тоше Зафиров зборуваше за Законот за трансформација во редовен работен однос, за кој рече пишуван е произволно без никаква анализа и со многу аномалии.
– Оној кој го пишувал Законот за трансформација во редовен работен однос очигледно е дека има големо правно непознавање, особено фали делот на анализата за тоа какви правни последици носи законот. Слично како и други закони, пишуван е произволно без никаква анализа. Речиси 80 отсто од членовите во законот се спорни. Уште во првиот член се препознава правната неписменост, и сакаат да се опфатат повеќе сфери во еден закон, рече Зафиров во своето обраќање.
Тој рече дека власта ги користи волонтерите и ги контролира до пред избори, држејќи ги во неизвесност, со што би гласале за владејачката партија со надеж дека ќе стапат во редовен работен однос.
– Со овој закон, де факто се прави депрофесионализација во јавната администрација, односно неприкладни луѓе се наоѓаат на работни места, потенцираше тој.
Како што рече при своето објаснување, Законот за трансформација во редовен работен се коси со Законот за волонтерство а казните во оваа област се драстични, нешто што и било омилено на “оваа корумпирана власт“.
Првиот вели дека волонтерството е временски ограничено, односно дека по шест месеци волонтерство, еден човек не може во наредните три години да волонтира во институцијата во која бил или во некоја друга, додека Законот за волонтерство вели не се ограничува волонтирањето.
Златко Талевски од МКЦ Битола вели горд е што уште од 2007 година веднаш по Хрватска, во Македонија се носи тој Закон за волонтерство.
-Тоа беше еден инклузивен процес . Она што е најважно е дека им се отстапи простор на граѓанските асоцијации да посредуваат помеѓу волонтерите и институциите/организациите кои сакаа да примаат волонтери, рече тој при своето обраќање.
Но сепак, Талевски забележа дека во ниедна земја, волонтерството не е начин да се реши невработеноста на земјата и не претставува единствен начин да се дојде до работно место.
– Волонтерството не е работа од која треба да се исчекуваат финансиски средства, туку се работи за една филантропска работа во која најчесто луѓето сакаат да се ангажираат за помош на општеството. Во Македонија за волонтерството треба повторно да се разговара, за неговата суштина, а не за можностите на злоупотреба и за остварување на некои кратки ефекти кои носат долгорочни последици. Треба да се промовира помагање на заедницата, и да се нема личен интерес, забележа тој.
Вчерашната дискусија при 45.ден во Кампот на слободата, иако нешто пократка од претходните, донесе неколку заклучоци а кои се многу важни да се споделат во јавноста. Пораката која произлегува од неа: Волонтерството не значи вработување, волонтерството не смее да се злоупотребува за уцени и предуслов за нешто, волонтерството е работа која се прави без свој личен интерес.
Денеска е 46.ден откако се поставени шаторите пред Владата на Македонија, по големите протести на 17.мај на опозицијата, граѓаните и граѓанските асоцијации, организации и движења, бараат оставка од премиерот Никола Груевски и одговорност од целата влада.