Со целовечерен концерт во хотелот „Аполонија“ вечерва пред гевгелиската публика ќе се претстави Верица Шотаровска, професор по пијано во државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј“ од Скопје.
На концертот што започнува во 20 часот ќе бидат изведени дела од Франц Шуберт, Фредерик Шопен, Јозеф Хајдн и македонскиот композитор Бојаџиев.
Шотаровска досега има настапувано на повеќе манифестации во земјава и странство и одржала солистички концерти во поголемите градови во Македонија. Добитник е на многу награди од државни и меѓународни натпревари во Македонија, Србија, Бугарија, Франција и Италија.