Претседателот на Грузија, Михаил Саакашвили денеска за премиер на земјата го именуваше лидерот на коалицијата што победи на изборите и негов ривал Биѕина Иванишвили.
Лидерот на коалицијата што победи на парламентарните избори на 1 октомври Биѕина Иванишвили е избран за премиер, изјави претставничка на Саакашвили на прес конференција.
Именувањето на Иванишвили мора да го потврди новиот парламент, што пред крајот на месецот треба да ја оддржи својата прва седница, потсетуваат агенциите.
Милијардерот Иванишвили како премиер ќе има широки овластувања, додека, според уставните измени, улогата на претседателот се намалува откако на Саакашвили ќе му заврши вториот мандат, кон крајот на 2013 година, и Грузија стане парламентарна република.
Неочекуваната победа на коалицијата „Грузискиот сон“ на Иванишвили ја заврши деветгодишната доминација на „Единствемното национално движење“ на Саакашвили во грузиската политика.
Коалицијата на овој тајкун освои 85 места во 150-члениот парламент, додека партијата на Саакашвили ги осови останатите 65 места, покажа наајновите податоци на Централната изборна комисија.
„Грузискиот сон“ , сепак, не освои уставно мнозинство што ќе му ја дадеше истата контрола врз земјата каква што имаше владата во заминување на Саакашвили, кој дојде на власт со „револуцијата на розите“ во 2003 година.
Иванишвили најави дека ќе ја продолжи прозапдната политика на Саакашвили насочена кон евроатлантските интеграции, но и дека ќе се обиде да ги поправи односите со Москва.