Владата на Албанија предводена од премиерот Сали Бериша одлучи на 17 ноември, во пресрет на денот на одбележувањето на 100-годишнината од независноста на Албанија, да ги врати моштите на кралот Ахмет Зогу од Франција. За спроведување на оваа владина активност ангажирано е албанското Министерство за надворешни работи заедно со дипломатската мисија на Албанија во Франција.
Враќањето на моштите на Зогу, кој почина во Франција на 65-годишна возраст во близина на Париз на 9 април 1961 година, ќе биде проследено во Албанија со сите државни почести, соопшти претставник на албанската влада.
По повод 100-годишнината на албанската држава, во Тирана ќе биде подигнат и споменик на кралот Зогу. Албанската левица, која на Зогу гледа како предавник на албанскиот народ, оцени дека десничарската влада на Бериша со сите почести фактички го рехабилитира кралското семејство.