Според 42 проценти од Русите победа на претседателот Барак Обама на претстојните избори во САД повеќе ќе одговара на руските национални интереси од победа на републиканскиот кандидат Мит Ромни, покажуваат податоците на рускиот центар ВЦИОМ, објави весникот „Комерсант“.
Само четири проценти од анкетираните сметаат дека евентуалниот успех на Ромни ќе биде поволен за Русија, додека според една третина од испитаниците за Русија нема никакво значење кој кандидат ќе победи.
Генералниот директор на ВЦИОМ Валериј Фјодоров објаснува зошто Барак Обама се прифаќа позитивно, истакнувајќи дека тој прави „рестартирање“, на секој начин демонстрира дружељубивост и подотвеност да работи со Русија.
Фјодоров признава дека руските граѓани во целина не чувствуваат „голема љубов“ кон САД, но позитивните предлози лесно наоѓаат одговор кај повеќето од нив.
Според шефот на ВЦИОМ, Ромни во голем дел ги наследил цртите на претседателот Џорџ Буш, олицетворение на клишеата на светската пропаганда, агресивен капиталист и светски полицаец. Во Русија поради тоа во голем дел е замразен.
Обама е популарен во Русија, особено затоа што луѓето не се многу запознаени со изборите во САД, а актуелниот претседател е неспоредливо попознат од Ромни, смета политикологот Евгениј Минченко.
Победата на едниот или другиот кандидат во САД воопшто нема да ја промени насоката на официјалната пропаганда, а антируските изјави на Ромни се „чисто од пропаганден карактер“, коментира политикологот Белковски за весникот „Комерсант“.