Царинската управа на Република Македонија во контрола на 176 малопродажни објекти и ресторани откри 27 случаи на нелегална продажба на акцизни добра – алкохол и тутун.
Како што соопшти Царинската управа привремено се задржани 238 литри алкохол и 11 килограми режан тутун за пушење, за што се спроведуваат законски предвидените прекршочни или кривични постапки.
Минималните казни за прекршоци се 3.000 евра за правното лице и 500 евра за одговорното лице во правното лице, како и забрана за вршење дејност при повторување на прекршокот, додека за кривичните постапки е предвидена парична казна и казна затвор.
Неправилности се откриени во Битола, Охрид, Прилеп, Струга, Куманово, Кратово, Крива Паланка, Штип, Велес, Делчево и Неготино.
Контролите се извршени на 24 и 25 јуни, а Царинската управа најавува дека согласно плановите ќе продолжи со редовни контроли на акцизните добра во малопродажба на целата територија на Република Македонија со цел спречување нелегален промет на акцизни добра и заштита на конкурентноста, спречување на неплаќање давачки и заштита на здравјето на луѓето кое може да биде загрозено со употреба на вакви непроверени производи.