Управниот суд на Црна Гора ја прифати тужбата на црногорскиот Телеком и Теленор, со која беше побарано укинување на спогодбата за намалување на цените на роамингот во мобилната телефонија.
Станува збор за спогодбата, која требаше од 30 јуни на граѓаните на Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија да им овозможи поевтино телефонирање во роамингот.
Според одлуката на Управниот суд, таквата спогодба за Црна Гора е неприфатлива од две причини. Како прво бидејќи директивата за намалување на роамингот е задолжителна само за земјите на ЕУ, а второ што таа спогодба не е ратификувана во Парламентот.
Директорот на Агенцијата за електронски комуникации Зоран Секулиќ изјави дека проблемот сега е во тоа што во земјите потписнички на спогодбата во сила се одлуките на нивните регулаторни тела за намалување на цените на роамингот.
– Граѓаните на Црна Гора ќе ги имаат тие поволности кога ќе отпатуваат во тие земји, но не и оние кои ќе доаѓаат во Црна Гора. Тоа е во спротивност со принципот на пропорционалност, рече Секулиќ.