Египет држи рекорден број новинари во затвор со намера да ја задуши слободата на печатот, а под изговор дека станува збор за националната безбедност, соопшти денеска Комитетот за заштита на новинарите (ЦПЈ).
Во затворскиот попис, што го спроведе на 1 јуни, ЦПЈ откри дека најмалку 18 египетски новинари се во затвор заради известување, што го дава најголемиот број затвореници од оваа професија откако во 1990 година комитетот почна да ги бележи овие податоци.
„Заканата со затвор во Египет е дел од атмосферата со која властите вршат притисок врз медиумите да ја цензурираат критиката и да го забранат коментирањето на чувствителните теми“, се наведува во извештајот на ЦПЈ.
Претседателот на одборот за слобода во египетскиот синдикат за печат, Калед Ал Балши, изјави дека бројката на затворени новинари е уште поголема, односно дека изнесува повеќе од 30 затвореници.
-Ова е најлошата клима за новинарството во египетската историја, изјави Ал Балши за британските медиуми.
Западните медиуми не можат да дадат независна потврда за бројката на затворени новинари во Египет.
ЦПЈ соопшти дека најголемиот дел од уапсените новинари се обвинети од властите за припадност или поврзаност со движењето „Муслиманско братство“ кое Каиро го означи како терористичка група и закана за националната безбедност.
Неколку новинари ги отфрлија обвинувањата дека се поврзани со „Братството“, а владин извор наведе дека извештај ЦПЈ не е објективен, односно дека новинарите се уапсени заради кривични пријави, а не од политички причини или заради слобода на изразување.
Шест новинари се осудени на доживотна затворска казна, а неколку други се задржани во притвор при што не е одреден датумот за нивното судско сослушување, објави ЦПЈ во извештајот.
„Апсењата новинари во Египет често пати се насилни и вклучуваат претепување, злоставување, рации во нивните домови и конфискување на нивниот имот“, се објаснува во извештајот на ЦПЈ.