Независне новине – Бања Лука
Проектот започна со еден филм – за промоција на црногорската ривиера, ангажиран е самиот Џејмс Бонд.
Некоја дестинација се уште не добила таква реклама. Да, Црна Гора се наведува во Големиот Гетсби (во романот на Ф. Скот Фицџералд, а не во една од петте филмувани верзии), да Неро Вулф познатиот приватен детектив на Рекс Стоут (од 1934 година) Црногорец е и јунак на безброј драматизации, филмови и тв серии, вклучувајќи ги германските, италијанските и руските! Но, ништо не може да се спореди со глобалниот ефект на една џејмсбондовска експлозија…
Значи, тајниот агент 007 доаѓа во црногорскиот Казино Ројал и тука во прекрасниот ексклузивен хотел на егзотична дестинација, ја игра смртоносната карташка партија со архизлосторникот под името Ле Чифре. Тогаш во 2006 година, кога филмот е сниман, во Црна Гора се уште не постоеше ниту еден монденски хотел, па казиното го глуми чешкиот хотел во Карлови Вари. Но, штотуку почнуваше изградбата на две локации, па синхонизираноста со филмската премиера сигурно не беше плод на случајот… Во Тиват на брегот на бокакоторскиот залив, во Арсенал, на бродоградилиштето на пропадната морнарица на пропаднатата југословенска држава, се гради супер луксузен Регент и џиновска луксузна плажа, а на Свети Стефан, порано елитен хотел на островчето во морето, кој подеднакво пропадна, подготвува отворање на Амари Ресорт. Значи, партнер во таа комбинација беше хотелската група на Адриан Вилем Лау Зек (71), чешко-кинески џентлмен од Индонезија, кој ги поседуваше и Регент и Аман.
Зек се школувал во Америка, почнал угостителски бизнис на Далечниот исток и во време на азискиот бум со Роберт Бурнс основал хотелски ланец на луксузни хотели Регент. Всушност се издвоиле од ланецот Четири Сезони, па цела таа работа потоа ја презела тајванска фирма која котира на берзата во Таипеи, но тоа сега не е важно… Да видиме понатаму што работел Зек. Тој уште во 1988 година почнал со хотелот Аманпури во Пукета на Тајланд, кој бил една изолирана, чудна и убава креација која нудела нешто што денес всушност е најтешко да се најде во понудите на туристичките патувања за богаташи – осаменост, елеганција, одмор во повлечена, скриена оаза на мир и луксуз.
Се било целосно спротивно на идеологијата на корпулентниот егзибиционизам на новобогаташките дестинации и високи хотели со лобија големи како фудбалско игралиште… Што е впрочем бизнис кејс на другиот комерцијален огранок на хотелиерството на Зек. Во 20 години се претворило во букет од 25 мега хотели. Тука се заработувале пари, што овозможило да се развиваат нови, радикални идеи за мали, меѓусебно целосно различни и со локалниот простор дефинирани одмаралишта и вили, во врвни елегантни но притаени амбиенти, со незначителен број на гости практично скриени од погледи.
Во ланецот Аман така може да се најде индонезискиот сафари парк под луксузни шатори, палатата во Маракаш, приватен остров на Филипини, шест ката на врвот на токискиот облакодер, потоа куќа во пустината Утаха, павиљон на пацифичките Кокосови острови, бродот Аманикан за крстарење, древна лаѓа за еден или два пара кои во голем луксуз сакаат во тропите да спијат под ѕвездите и да посетат резерват со комодо-змаеви, најголемите гуштери на светот… На само три европски дестинации се наоѓаат исти дискретни објекти како алпскиот хотел Корчевел во Савоја со многу малку соби, потоа модернистички обновената венецијанска палата Паодополи на Гранд Канал од 1550 година, денес во сопственост на гроф Гонзаге и конечно од ова лето уште и хотелот на островот Свети Стефан, а со него и поврзаната кралска резиденција во Милочер, храм на мирот во медитеранската оаза со мирисни дрвја во ботаничкиот парк со ретки дрвја што се простира на 18 хектари…
Свети Стефан било мирно црногорско селце на лојалното племе Паштровци кои во 1955 година со декрет се иселиле на копно, па нивните домови ги претвориле во елитен хотел каде навраќале Елизабет Тејлор, Андер Малрукс, Алберт Моравиа, космонаутот Јуриј Гагарин, Софија Лорен, Кирк Даглас, Микис Теодоракис, Боби Фишер и Силвестер Сталоне… Тој комунистички рај за студено-воениот џет сет во меѓувреме пропаднал како и сите други атракции на прецветаниот социјализам, па требаше да се почне од почеток. Како инвеститор се појави грчкиот милијардер Виктор Рестис. Се здружи со фирмата Адриатик Пропертис, која островот Свети Стефан и Вилата Милочер ги презема во концесија од две државни угостителски фирми. Се обединува шумскиот крајбрежен парк на вкупно 34 хектари, со долгите песочни и сончеви плажи…
Но, Рестис во меѓувреме падна во одредени проблеми. Го уапси грчката полиција под обвинение дека е измамник, а ФБИ го сомничи дека криумчарел нуклеарна технологија во Иран. Во секој случај, Рестис и неговите застапници сега имаат подискретно место во овој дил, а многу проминентна улога доби Владислав Дороњин, руски милијардер, кој од Зек го купил целиот светски бренд Аман, па и хотелите на црногорската дестинација, што се чини целосно примерен бидејќи и самиот изгледа како Џемс Бонд, феноменално згоден маж, штотуку ја остави својата повеќегодишна девојка Наоми Кемпбел… Она што зачудува е дека тука никаде не се појавува најбогатиот Црногорец, кој по логика на нештата може да биде инвеститор во туристичките проекти во својата нова татковина.
Најбогатиот Црногорец е Таксин Шинаватра, поранешен премиер на Тајланд. Тој беше бизнисмен, основач на големиот ИТ конгломерат и еден од најбогатите луѓе во земја од 70 милиони жители, со национален доход по глава на жител нешто поголем од српскиот, нешто помал од хрватскиот… Во 2001 година се фрли во политиката, победи на изборите и стана премиер. Доби и втор мандат, а потоа бил срушен со воен удар. Проблемот е што Таксин по потекло е Кинез, а 96 отсто од жителите се муслимани.
Тој несомнено ја покрена националната економија, го преполови бројот на сиромашните од 20 на 10 отсто, го отплати долгот на ММФ пред рокот, ја легализираше лотаријата која беше голем илегален бизнис, воведе општо здравствено осигурување и заштита за болните од сида, ја приватизираше државната телевизија и поведе смела војна против дилерите на дрога, па во првите три месеци од нив ликвидирал речиси 2.500, а полицијата тврди дека тие не убиле повеќе од 50.
Ја намалил расната и национална тензија. Но, сите тие енергични мерки му создале многу непријатели. Го обвинувале за корупција, предавство, авторитарно владеење, конфликт на интереси, недипломатски манири и гушење на слободата на печатот. Поради тоа емигрирал на Балканот. Морал да замине од Тајланд бидејќи бил обвинет за лесе маџесте, навреда на кралот Бхумибола, кој се почитува како божество. Тоа не значи дека дека ја критикувал сувереноста, или некој од неговото семејство, туку така се квалификува секој злостор против државата и народот кога воената хунта ги дисквалификува противниците, едноставно ги обвинуваат за предавство на националните интереси и недостиг на патриотизам (дискретно давајќи до знаење дека човекот е всушност Кинез). Врховниот суд потоа ја распуштил партијата Шинаватра, го осудиле на две години затвор во отсутност и му заплениле 46 милијарди бахти на сметката. Тоа не е малку, околу 150 милиони долари.
И каде да оди, Таксин дошол во Црна Гора. Ја изнајмил Вилата Милочер и тука се насели со семејството, набрзо потоа доби црногорско државјанство. Веднаш му го одземаа тајландското. По весниците пишуваше дека ќе инвестира во Аман Ресорт. Потоа од неговата претходна татковина се слушна – тоа беа обвиненија кои не можат да се потврдат, дека трансферирал околу 2,5 милијарда долари во политичка пропаганда во корист на Таи Пеи, која навистина победила на изборите во 2011 година, па премиерка станала помладата сестра на Таксин, многу атрактивната Јинглук Шинаватра (47). Таа во 2013 година престојувала во Црна Гота во државен имот, а притоа бил потпишан меморандум за стопанска соработка која меѓувремено не ја развила и Јинглук имено била тргната од државниот удар.
Хунтата сака за секогаш да ги тргне тие сомнителни Кинези кои Тајланд можат да го претворат во нов Сингапур. На кого му треба тоа?
За тоа време во Тиват… Истовремено со изградбата на хотелот Регент, почна многу поголем зафат за изградба на најголемо европско пристаниште со супер јахти до 180 метри должина. Проектирани се 850 везови, 400 веднаш изградени, а останатите сеуште се во градба. Инвеститори собра Бока Груп, регистрирана во 2005 година, на Бахамските острови. Навистина успеа да ги привлече нај еминентните светски плутократи. Мидин допир на целиот потфат даде канадскиот милијардер Петер Мунк (88).
Сопственик е на најголемиот рудник за злато на светот, а неговиот живот е роман. Се родил во Будимпешта во богато еврејско семејство Адлер-Мунк. Тие успеале да побегнат во Швајцарија со фамозниот Кастнеров воз, со кој биле спасени околу 1.700 Евреи, собрани со голема количина на злато и дијаманти во дилот кој со Ционистичкиот одбор го договорил самиот СС Штумбанфирер Адолф Ајкман. Петер така завршил во Канада, каде изучил за електроинжинер и во Торонто покренал фабрика за хи-фи опрема и телевизори, а потоа се проширил на хотелиерство, недвижнини, и на крај ја основал фирмата Барик Голд, која во многубројни ископи отворени од Аргентина и Чиле, Австралија, Нова Гвинеја, Замбија и САД, произведува околу 200 тони злато годишно. Всушност, во Порто Монтенегро повеќе е инволвиран неговиот син од првиот брак, Ентони Мунк, кој од татко му ја наследил фирмата Барак Голд, но претходно самиот станал милионер во 30 година, водејќи сопствена фирма, инвеститорската група Онекс, која менаџира мултиплекс кина на двата американски континента. – Никогаш не сум му дал ни возило – гордо вели татко му, кој на синот единствено помогнал да ја најде првата работа како аналитичар во една осигурителна компанија во Торонто. Малиот не пие, не пуши, не е женет, го интересира само бизнисот. Но, дури и таквите ликови, понекогаш се наоѓаат на голема јахта, која потоа треба некаде да се паркира…
Удел во изградбата на пристаништето Порто Монтенегро зел и Бернард Арно, физички неугледен француски бизнисмен и собирач на уметнички дела, 13 најбогат човек на светот. Сопственик на корпорацијата Луј Витон Моет Хенеси, тој контролира многу светски брендови, има акции во Нетфликс, банки и стоковни куќи, а купил за бродоградилиштето и јахта Принцез, која некаде треба да се усидри во текот на зимата… Арно во венецијанската Догана (царинарница) изградил свој музеј за модерна уметност, се оженил за пијанистка, многу културен господин, а неговиот син и наследник Антоние ја преземал Наталија Водианова која е супер модел, од милијардерот Џастин Портман со кој имала три деца…
Антоние, едноставно е многу згоден и фабулозно богат, ја сака уметноста како и Наталија, добиле дете, нејзино четврто и на среќата никогаш и нема крај…
Уште двајца плутократи чие презиме и служи како метафора за богатство, се појавиле како инвеститори во проектот Порто Монтенегро. Тоа се Јакоб и Натаниел Ротшилд. Првиот всушност се вика Натаниел Чарлс Јакоб (79), четврти барон Ротшилд, тој е татко, инвестициски банкар со непрегледни интереси и врски во финансискиот свет, на лондонската берза и во еврејската светска заедница (претседава со фондација која ја изградила зградата на израелскиот парламент, Кнесет), додека Натаниел Филип Виктор Џејмс (43), за пријателите Нат Ротшилд, е негов четврти најмлад син и наследник, историчар и психијатар, помалку и инвеститор бидејќи некаде мора да ги вложи тие 40 милијарди фунти семејно богатство, кое како што пишува лондонски Обсервер, паркирани се на сметки на разни швајцарски фондови. Нат има разгранета мрежа на пријатели, секако, а еден од нив е и Петер Манделсон (61) исто така барон и член на Домот на Лордови, кој бил директор на комуникации на лабуристичкиот лидер Тони Блер, клучен човек во потфат на неговиот подем на власт.
Манделсон бил министер за стопанство во следната лабуристичка влада на Гордон Браун и потоа европски комесар за трговија во Брисел, каде му се случил немил скандал. Таблоидот Дејли Меил открил дека Нат и Петер заедно престојувале на јахтата на рускиот милијардер Олег Дерипаска усидрена на Крф. Ништо посебно, ако Менделсон истовремено во 2008 година не потпишел одлука со која се намалува европската царина на увоз на алуминиум на комбинатот на Дерипаска РусАл. Потоа, Менделсон морал да се повлече, но прво бил поставен за највисок барон (што нема многу да му значи бидејќи е геј). Именуван е на едноставна церемонија, во Горниот дом се организира процесија на свечено костумирани доживотни перови, лордови и англикански бискупи, кои ги предводи Блек Род (Црна Палка), носител е на Орден со Подвезици кој освен кралицата и принцот од Велс поврзува уште десет нај истакнати благородници.
Новопечениот барон клекнува, прима распис од Лордот Канцелар и го потпишува, а потоа го носат на негово место, од каде три пати се поклонува симнувајќи го посебниот шешир со кој се украсил за оваа прилика… Ништо посебно, едноставна приредба по повод примање во друштвенце кое седи во Вестминстер на црвени кожни клупи (Долниот дом има неугледни зелени).
Кога се отвараше пристаништето Порто Монтенегро во 2009 година, тука беше присутно целото друштво; и Нат и Петер Менделсон и Олег. Дерипаска исто така е еден од акционерите но Мункови тука ги држат мнозинските 54 отсто. Русот веќе претходно беше присутен како инвеститор во Црна Гора. Тој 15 милијарди долари тежок 46 годишен човек, сопственик на најголемата индустрија на алуминиум во светот која котира на париската и хонгконшката берза, има удели во најголемите руски фирми на авто и авио-индустријата, машиноградбата, градежништвото и енергетиката, со нешто земјоделско производство, неколку аеродроми, како и четвртина од австриската Страбаг. Седи во Управниот одбор на Бољшој театарот и на економскиот факултет при Московскиот универзитет, а таму самиот паралелно завршил студии по физика и економија.
Во Црна Гора уште во 2005 година го купи најголемото државно претпријатие Комбинатот за Алуминиум Подгорица КАП, топилницата која користи суровина од рудникот за боксит во Никшиќ. Изграден уште во 1971 година со чешка технологија, некако ги преброди тешките 90-ти работејќи преку компанијата Гленкор на контроверзниот англо-швајцарски бизнисмен Марк Рих. Тоа е најголема суровинска фирма на светот има годишен приход од 211 милијарди долари, но сопственикот пафна во некои незгоди со американскиот закон, бидејќи работел истовремено со бели расисти во Јужна Африка, Кастровата Куба, марксистичката Ангола, никарагванските сандисти, Гадафиевата Либија, Романија на Чаушеску и Чиле на Пиноче.
Таква е таа работа, суровинска, која Марк ја почнал со увоз на јута за вреќи од Бенгал. И потоа, преку цинкот и алуминиумот и други руди, дошол до нафтата на која малку се насукал. Во времето на ефтиното ембарго, увезувал нафта до Иран и ја продавал за дупло повисока цена, па бил обвинет од непоткупливиот федерален државен обвинител Рудолф Џулиани. Наместо да се појави на суд, побегнал во Швајцарија. Морал да го продаде 20 Сентури Фокс на Руперт Мардок и тука добил 25 милијарди долари. Го помилувал Бил Клинтон последниот ден од својот мандат, наводно на заговор на израелскиот премиер. На крај, меѓу Гленкоровите партнери се најде и малата Црна Гора како и нејзиниот преголем алуминиумски комбинат кој генерирал 6-7 отсто од државниот доход и остварил повеќе од 60 отсто извоз во земјата. Во 2005 година фирмата прешла во други раце, на Кипар се склучил договор со Дерипаската компанија.
Олег комитирал 50 милиони во отплата на долгот и 50 за модернизација, но веќе за четири години се видело дека од сето тоа нема да биде ништо, приликите на меѓународниот пазар беа крајно неповолни, растеше цената на струјата, паѓаше цената на алуминиумот како суровина, а освен тоа се покажа дека во билансот биле скриени непрегледни дубиози… Црногорската влада во таа дупка без дно уфрли уште 45 милиони евра кредит, но компанијата во 2013 година сепак банкротираше со долг од 383 милиони и теоретска вредност од 183, под услов ако некој сака да се зафркава со производството на алуминиум во Црна Гора. Дерипаска повеќе нема, тој отплови во Порто Монтенегро па го купи будванскиот залив, каде гради вила од 50 милиони долари на чија фасада растат столбови повисоки од тие на храмот на Партенон…
Најинтересно прашање во овој квиз е кој ги собра сите тие таленти на едно место? И Олег и Петер од Канада и Петер од Лондон, потоа Антони, Јакоб и Нат, па ги наговори грдото мало бродоградилиште и ремонтниот завод Народен херој Сава Ковачевиќ, да го претворат во луксузно пристаниште со Јахт-клуб и ноќен бар на инфинити базен долг 60 метри, каде младиот Ротшилд го прослави својот 40 роденден? На забавата биле секако Лорд Манделсон, кралот Кгоси Леуро Молотлеги, државен поглавар на еден јужноафрикански бантустан, најбогатото египетско семејство Савирис, тие повторно ќе се појават во оваа приказна, историчарот Ниал Фергусон од Оксфорд и Лондон Скул оф Економикс, автор на бестселерот Подемот на парите, тенисерската ѕвезда Новак Ѓоковиќ, помладата екипа од милијардерските семејства Гинис и Голдсмит, директорот на Бритиш Петролеум кој ја испушти таа огромна дамка на Голфскиот залив, принцезата Флоренс Вон Прусен (27), многу слатка правнука на германскиот Кајзер Вилхелм втори. Налетал и Мило Ѓукановиќ, 196 сантиметри висок премиер и претседател на Црна Гора (52) кој на тие функции ги поминува последните 24 години. Мило дипломирал туризам на Универзитетот во Титоград, а Порто Монтенегро може да му послужи како докторат за двете референци.
Значи, кој ги собирал тие луѓе и ги придобил да инвестираат во изградбата на пристаниште во овој дел од светот, каде само скорашната историја е подраматична од неверојатно драматичниот пејзаж на единствениот медитерански фјорд со нордиски пропорции? Судејќи според веб страната на Бока Група, која го покрена проектот, мора тоа да е соосновачот на компанијата по име Џон Џ. Кенеди. Тој бил политички секретар во кабинетот на еден британски министер, а пред тоа дворјанин член на едно британско кралско семејство. Има големо интернационално искуство. – Прв го согледал потенцијалот на монтенегрискиот пазар на недвижнини. Навистина. Ова што сега е остварено, како и она што се гради и планира, ги надминува и најлудите соништа… А кој всушност е тој Џ. Кенеди?
Вистинското име му е Јован Гвозденовиќ. Татко Црногорец, мајка Англичанка, се родил во Белград во 1965 година. Завршил во Англија и помалку од Џон Гвозденовиќ се трансформирал во Џон Џ. Кенеди (тоа му е презиме од мајка му), а потоа станал коњушар на принцот Мајкл од Кент (72), внук на кралицата Елизабета. Принцот од Кент е правнук на последниот руски цар на кој многу наликува, а имал и тесни деловни врски со покојниот Борис Березовски, руски олигарх, па поради тоа силно го критикувале во печатот. Тој баш и не е загрижен поради тоа, туку се држи како да е малку над сите други, што и е. Неверојатната шминкерска појава во англиски тесно шиени одела до Савиљ Роу и адмиралските униформи во кои наликува на Шон Конери. Поранешен олимписки возач на боб, масонски голем мајстор на Големата ложа во Мидлесекс и силен католик, поради верата излегува од редот на сукцесијата за британскиот престол, што му овозможува да се држи како јавното мнение воопшто да не го интересира…
Како коњушар на великан, Џон Г. сигурно стекнал одлични врски, а потоа влегол во политиката и тука ни малку не се прославил. Како помошник на Хенри Белингхам, парламентарен пратеник на Конзервативната партија, се истакнал ако е тоа вистинскиот збор, во почетокот на 90-тите години со лобирање за Милошевиќ и Караџиќ. Патувал во Белград, каде во локалните весници го претставувале како ѕвезда, носел во Босна некои британски политичари да се уверат како работите не изгледаат така како што се прикажуваат на телевизија. Во хашките стенограми за прислушкувањето на Слободан Милошевиќ, излегле на видело неколку ласкави пофалби кои Милошевиќ ги упатил на негова сметка…
Наспроти нападите кои ги трпел поради тоа во британските медиуми кои заговарале дијаметрално спротивни ставови за војната во поранешна Југославија, Конзервативната партија го истакнала во 1997 година како кандидат за Парламентот во еден округ во Бирмингем, но изгорел заедно со останатите припадници на белградското лоби меѓу конзервативците, во чии мотиви на големо се сомневало. Но, истовремено во Парламентот поминале лабуристите од истиот круг, кои исто така ги релативизирале причините и последиците од војната во Босна. Во секој случај, Кенеди потоа се повлекол од политиката, а потоа повторно се фрлил на аристократите и династиите, кои очигледно му се најголема страс. Потесно се поврзал со династијата Петровиќ Његош, што не било тешко со оглед на неговото сопствено потекло…
Неговиот прапрадедо Анто Гвоздановиќ е еден од најславните Црногорци на сите времиња, што со оглед на претензиите на луѓето од тој слој, навистина не е мала работа. Чија е поголема чест и слава и херојство, е тоа околу кое не може да има слога во ниту една генерација, па сепак, генерал Анто, меѓу сите генерации важи како несомнено славна појава и еден од најголемите народни херои. Црногорски, француски и руски генерал, амбасадорот во Вашингтон и премиер на црногорската избегличка влада, тој бил голем канцелар со орден од Данило (кој го добил и фикционалниот Големиот Гетсби од романот на Фицџералд).
Семејниот предок кнез Раде Гвозденовиќ се истакнал уште во 17 век во една битка опеана во песна која ја напишал Вук Караџиќ. Историјата на родот понатаму може да се следи во безбројни горштачки сагами кои обилуваат со призори на мали битки на големите луѓе, проследени со сечење на глави на непријатели, пријатели и роднини, како и крвна одмазда. Роден во половината на 19 век, Анто се запишува во манастирска школа во Цетиње каде искажал талент посебно за јазици кои ги учел посетувајќи го Котор, малиот Дубровник во Бока, цивилизиран венецијански град кој паднал под наполеонска и потоа под австриска власт. Од Цетиње, кнез Данило Петровиќ Његош го праќа во петроградската воена академија, а тој потоа со славниот генерал Скобељев доброволно заминал во поход во Туркменистан (тука го заслужил орденот Владимир). Се вратил во татковината како доброволец да учествува во отоманско-црногорската војна во 1976 година. Одиграл важа улога како преведувач на англискиот дописник чии натписи послужиле како идеја за поемата на Лорд Тенисон Ода за Црна Гора и Гледстоновите парламентарни истапи во прилог на владеењето на кнезот Никола Петровиќ Његош, кој во 1910 година ќе биде крунисан за црногорски крал.
Гвоздановиќ потоа волонтирал во руско-јапонската војна во Манџурија во 1905 година, а потоа посредувал во деликатна дипломатско-љубовна мисија и двете принцези на Никола ги прави невести на чичкото и внукот на рускиот цар. Црногорските кнегињи ќе станат сила на петроградскиот двор, а Анте го именуваат во дворскиот совет, па тој потоа освен имотот на Крим, зема и апартман во цетинскиот Гранд Хотел (кој во меѓувреме стана една социјалистичка бетонска дупка од Б категорија). Потоа во Рим и во Хотел Мауриц на Руе Риволи во Париз… Наспроти веќе изминатите животни години, тој е прв доброволец во Првата балканска војна, а потоа и на Западниот фронт во Првата светска војна, каде станал санитетски генерал на француската армија. Кога Црна Гора капитулирала, побарал егзил и презел многу дипломатски мисии. Но, по војната, победничка Србија ја проголтала малата Црна Гора.
Таа станува единствена земја во Европа, која не е во согласност со доктрината на Вашингтон, во Версај се обновила самостојноста. Никола не ја признал анексијата, наспроти одлуката на Подгоричкото собрание, донесена откако српската војска ја окупирала земјата и вовела полициски час. Но, не добил поддршка од Франција, која напротив го поддржала Караѓорѓевиќ, а регентот Александар имал личен мотив. Ќерката на Никола принцезата Ксенија ги одбила неговите запросувачи гласно негодувајќи поради изгледот и ставата на перспективниот младоженец.
Никола умира огорчен и разочаран, а неговиот верен Анто станал регент наместо Михајло трети и најстар преживеан внук, кој тогаш во 1921 година имал само 12 години. Престолонаследникот Данило кој немал потомци, се откажал од престолот во корист на помладиот брат, принцот Мирко. Данило бил лекомислен бонвиван, според него Ернст Лубитц ја снимил познатата холивудска комедија Веселата вдовица, па тој Његош го тужел продуцентот, МЏМ, за клевета барајќи на парискиот суд 4000 долари… Второ родениот принц Мирко, војвода од Грахово и Зета умрел непрежален од таткото уште во 1918 година. Оженет бил за Наталија Константиновиќ, правнука на помладиот брат на првиот српски владетел кнез Милош Обреновиќ. Наследникот на спрскиот фронт Александар Обреновиќ, се оженил со многу постара жена па се подразбирало дека, ако кралицата Драга не роди втор наследник, Мирко ќе може да претендира и на српскиот трон…
Кога во војната во атентат биле убиени кралскиот пар и ги довела на престол Караѓорѓевиќ, настаните примиле спротивна насока!
Самиот принц Михајло пораснал во егзил, не покажувал големи династички амбиции. Два пати се женел до пучанки, со втората Геневева Пригент во 1941 година, токму на почетокот на Втората светска војна. Тогаш италијанската дипломатија му понудила да ја преземе номиналната власт во окупираната татковина, под заштита од окупаторските трупи. Иако неговата тетка Елена, уште една висока и убава ќерка на кралот Никола, била италијанска кралица, жена на Виторио Емануел трети, Михајло ја отфрла понудата и останува во Франција каде во 1943 година го апсат Германците и заедно со жената и малиот син ги носат во интернација во еден замок во Чешка. По војната, отишол во Белград, каде Тито му понудил место шеф на протокол во Министерството за надворешни работи. Прифатил, но тој ангажман траел само една година. Неговата жена била замешана во некои скандали за кои пишува Јоже Јаворшек, скандалозен словенечки писател и дипломат, близок пријател на глумецот Герард Филипе. Во книгата Неварна размерија (Dangerous Liasons), објавена дури во 1978 година, Јаворшек го открил тајниот живот зад малограѓанската фасада на словенечкиот политички и културен естаблишмент. Тука е компромитирана и жената на Михајло, се наведува врска со пријапистичкиот книжевник, алкохоличар и бунтовник Витомил Зупаном. Во секој случај, Михајло веднаш откако се вратил до Франција се развел од Геневева и остатокот од животот мирно го поминал како Голем војвода од Грахово и Зета. Умрел во Париз во 1986 година.
Како престолонаследник и поглавар на владејачкиот дом Петровиќ-Његош, тогаш го наследил синот Никола, син на Геневева кој завршил Ecole des Beaux-Arts и дипломирал архитектура, успешно проектирал и предавал на факултет… Тој активно претендирал заговарајќи државно осамостојување на Црна Гора остварено во 2006 година. Црногорското собрание во 2011 година му доделува службена улога во промоција на монтенегринскиот идентитет и традицијата низ културни, хуманитарни и други неполитички активности. Станувало збор и за компензација за имотот конфискуван во двата државни удари, во 1918 и 1945 година, т.е. воведување на цивилна листа, на кралска стипендија, од кое немало ништо со оглед на деловната црногорска внимателност во паричните трошоци, па стогодишнината од основањето на кралството во 2010 година Никола го прославил дома, во кругот на семејството, а не во Подгорица…
Реконструкцијата на целиот овој мега проект во бокакоторскиот залив во кој со живи пари учествуваат премногу милијардери, за тоа да го наречеме простачки и балкански ујдурма, не води повторно во 2005 година. Таа година на Цетиње, принц Никола Петровиќ, Наследник Голем Господар со Орден од Данило први, со право на раѓање на глава на династијата Петровиќ-Његош го именува Џон Гвозденовиќ Кенеди за Голем канцелар на орден, во истата служба која ја вршел неговиот предок Анто Гвоздановиќ. Церемонијата е објавена во Синиот салон на цетинскиот Кралски дворец, во народот наречен Билијард. Орденот е основан во 1853 година, се доделувал за јунаштво во борба, а денес секако помалку не е толку важно кој кого убил и колку турски глави скинал, па насоката на идните настани ја открива белешката за посетата која во организација на Бока Група веднаш потоа ја организира Големиот канцелар за претставниците на европската аристрократија.
Имено, принц Никола ја преземал грижата за архитектонските аспекти за уредувањето на планираните туристички капацитети во Тивар, каде го угостува принцот Димитриј Романов, руски претендент и свој роднина, како и членовите на кнежевското семејство Грималди од Монте Карло. Веќе од тоа, како од филмот на Џемс Бонд, кои истовремено почна да игра во светот, се гледа насоката на размислувањата… Рецептот треба од прилика да изгледа вака: – Земи малку од волшебниот прав на принцот, кој паѓа од крунисани глави, додади неколку милијардери кои се палат на елитата, на која наспроти парите не можат да и припаѓаат, спој ги со пријателство, претвори ги во соработници, ко-директори, ко-инвеститори и сето тоа организирај го како оф-шор комбинат кој преку масовните медиуми, што ги обожуваат плутократите, аристократите и лускузот, со скапи хотели и јахти, и со парчиња кои тука неизбежно се собираат, генерирај џиновска реклама за она што тогаш станува – Дестинација. Секако, да се влезе во сето тоа, потребен е основен ресурс, природна убавина која го има заливот Бока Которска, наспроти сите обиди во последните неколку генерации и сега остава без здив, бидејќи е исконско чудо, збогатено со стародревен култ на Котор и Пераст, најмала на свет морска република, прекрасен венецијански импорт на најблескавата средоземна цивилизација…
Некроманти-алхемичари кои пред нашите очи ја изведуваат таа фузија, додуша, не се посебно респектабилни фигури, попрво би ги вброил во црни отколку во бели магионичари, но тоа не е ништо ново на Средоземјето, каде и најголемото богатство стекнато со криминал, како паднатата венецијанска катедрала св. Марко и четирите бронзени коњи на нејзиниот влез, кои порано стоеле во константинополскиот двор и пред градот да го запалат лажни крстоносни крадци.
Тоа е длабоко минато, а Порто Монтенегро и Аман се сегашност. Што носи иднината? Порто Монтенегро и понатаму расте, се развива, со хотел, во пристаништето изграден е мал град со луксузни апартмани, отворени се ресторани и продавници со светски модни брендови.
Наскоро ќе биде комплетирана посебна населба од 25 вили Sea Breeze, на брдото Кавач меѓу Тиват и Котор, со морски висти. Истовремено, на скијалиштето во Колашин, сред невидена и недопрена убавина на црногорските планини по кои земјата и државата го добиле името, на висина од 1450 метри ќе се гради дизајнерска скијачка населба Бога-група со пет хотели и 45 вили, изградена од квалитетно дрво и камен. Од плажата до Колашин има околу 150 километри… Во пристаништето инаку се слетува на тиватскиот аеродром, од каде сезонски се лета секој ден директно за Лондон, Париз, Белград, Сент Петерсбург, Москва-Шереметјево, Москва-Домодедово, со чартери на уште десет руски и десет европски дестинации…
Следи нова фаза на монтенегриско туристичко чудо. На полуостровот кој од морската страна го затвора тиватскиот залив, почнува изградба на Листик Беј, на 700 хектари, со многу мала густина на изграденост 6 отсто, каде ќе се изградат седум хотели, 500 вили, спа и велнес, две плажи, населба со продавници, интернационални училишта и медицински центри како и голф игралиште со 18 дупки. Тоа е проектот на Ораском Групата, конгломерат на египетскиот претприемач Нагиб Савирис, машински инжинер кој завршил ЕТФ во Цирих, инаку финансики советник на Њујоршката берза и на кувајтската Народна банка. Тој има неверојатно диверсифициран портфељ кој го опфаќа телекомот и градежниот бизнис, а во развојот на туристички ресорти има 20 годишно искуство на основање на нови туристички градови во недопрена дивина, во Алпите во Швајцарија, на англискиот брег на англискиот полуостров Корнвел, како и на песочните брегови на Црвено море. Савирис, инаку е коптски православец чие богатство се проценува на 3 милијарди долари.
На спротивната страна на бокакоторскиот залив во Кумбор, порано воено пристаниште на југословенската флота каде корозираат последните турски корвети, наскоро почнува креација на ексклузивен ресорт One&Only. Тоа официјално е објавено на страницата Керзнер Интернационал Холдинг кој управува со девет постоечки, на Карипското море и Индискиот Океан, во Персискиот залив, во Јужна Африка и Австралија. Сместени се само на прекрасни локации во исклучителна природна убавина и зафаќаат голем простор на брегот. Шифрата е тропски рај под палми, со посебни вили, приватни базени, приватни готвачи, батлери… Кумборскиот ресорт ПортоНови ќе зафаќа километар од брегот, а ќе се изградат само 150 соби на 25 хектари површина.
Инвеститор во таа недвижнина кој ќе го менаџира системот One&Only ќе биде Triangle Investment and Development Ltd. кој ја претставува азербејџанската државна нафтена компанија СОКАР, фирма од Баку со годишен приход од 40 милијарди долари. Возбудливата сторија за претворање на Црна Гора во Монте Карло, значи продолжува!
На таква медитеранска дестинација и треба само уште една ситница… Атрактивна сувереност која трајно би ги стабилизирало политичките прилики, ќе ги анулира поделбите што постојано избиваат меѓу фракциите и политичкиот корпус и на светот ќе изложи привлечна династичка фасада, покрај која одат грбови, ордени, свечени процесии и слични приредби… Навистина, кој би можел да одолее на еден Његош, кој повторно би се појавил, макар за момент, во дворот на Цетиње? Никола, додуша е многу стар, од неодамна вдовец, пред неколку години му умре жената, Французинка со мароканско-сефардско потекло, Франсине Наваро. Но, тука е синот, принц Борис Петровиќ Његош, војвода од Зета и Грахово. Има 34 години, дигитален дизајнер кај Рено, зборува француски, англиски, италијански, црногорски и португалски. Оженет е со Португалката Вероника Халиот Канас де Силва, со која има ќерка, принцезата Милена (6). Постарата сестра на Борис принцезата Алтинаи е авторка и глумица, мажена за рускиот пијанист Антон Мартинов. Имаат син Никола (5). Ако тоа не е добро дизајнирано владетелско семејство за предизвиците на 21 век, навистина не знам што е…