АХВ уништи 6.000 јајца, засилените контроли продолжуваат

Од:

Околу 6.000 јајца со продолжен рок на траење уништи Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) по извршената инспекциска контрола во супермаркетот „6 браќа” од скопско Батинци.

Јајцата се пронајдени во магацинот на маркетот и не биле со поминат рок, туку на нивната амбалажа, спротивно на одредбите од Законот за безбедност на храната, наместо 28 дена, бил испечатен рок на употреба подолг од 30 дена.

– Станува збор за јајца од кои најголемиот дел не биле пласирани на пазарот.

Со извршената контрола се пронајдени во магацинот на производителот. Сосема мали количини биле пуштени во малопродажната мрежа, соопшти Агенцијата.
За овој прекршок на „6 браќа” му е изречена парична казна од 5.000 евра за правното и 500 евра во денарска противвредност, за одговорното лице.

– На овој оператор со храна, за истиот прекршок, во март годинава му е изречена парична казна во ист износ, бидејќи со спроведена контрола на пазарот е констатирано дека пуштил во промет 5.000 јајца со деклариран подолг рок на употреба од законски пропишаниот, информира АХВ.

Агенцијата за храна и ветеринарство најавува дека покрај вонредните, засилени контроли во туристичките центри пред стартот на туристичката сезона, зајакнати контроли ќе спроведува и во малопродажните објекти во сите населени места.
Денеска вонредни засилени контроли се спроведуваат во Маврово и во дебарско-реканскиот крај.

АХВ соопшти дека при спроведените вонредни засилени контроли во угостителски објекти во Скопје, инспекторите за храна и официјалните ветеринари посетиле 14 кафеани и ресторани. Поради констатирани недоследности (несоодветни услови за чување и манипулација на храна од животинско потекло) и несоодветна (нечитлива) декларација на производите, како небезбедни се нештетно уништени 60 килограми храна од животинско потекло. На тројца оператори им е изречена мерка за времено затворање на објектите.

Од почетокот на овој месец вонредни, засилени контроли во туристичките места, инспекторите за храна и официјалните ветеринари спроведоа во охридско-струшкиот регион и во Дојран. За спречување евентуални труења и инфекции кои лесно можат да се случат како последица на високите температури, со вонредните контроли беа опфатени хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, бурекчилници, пекарници, сендвичарници, ќебапчилници, кафе барови, маркетите, летни тераси и други објекти, каде се очекува зголемена фреквенција на туристи.

Со вонредните контроли во охридско-струшкиот регион опфатени беа 101 угостителски објект. За констатираните недоследности издадени се 34 решенија за нивно отстранување, две решенија за забрана на вршење дејност, наплатена е глоба од 4.000 евра и издадени се осум покани за едукација. Уништени се и 229 килограми небезбедна храна од животинско потекло.

При спроведените контроли, на 12 оператори со храна во Дојран, од кои шест се уште не биле почнати со работа, инспекциските служби не евидентирале поголеми отстапувања кога е безбедноста на храната во прашање.

Со вонредни, засилени контроли пред стартот на туристичката сезона ќе бидат опфатени сите поголеми туристички центри во земјава.

– Како одговорна институција за безбедноста на храната ги охрабруваме граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната да ја пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, но и лично, или на електронската пошта [email protected], наведува Агенцијата за храна и ветеринарство.

Би можело да ве интересира

Снема јајца во САД, сега се шверцуваат од Мексико

Горан Наумовски

Јајцата од производителот Лукач се повлекуваат од продажба на хрватскиот пазар, содржат салмонела

А1он

Човек ја гаѓал Владата со јајца

А1он

Оригинални идеи за велигденски јајца

Татјана Ташкова

Која е разликата помеѓу белите и кафените јајца?

Наум Локоски

Колку јајца смееме да изедеме неделно?

Наум Локоски