Руската енергетска компанија „Газпром“ најави дека планира да гради две двојни гасни линии од Русија кон Германија.
Како што јави дописникот на МИА од Берлин, гасоводите треба да минуваат преку Балтичкото Море, а во изградбата ќе учествуаат неколку европски партнери на Русија, како германската компанија Е-Он, холандската „Шел“ и австриската ОМВ.
Четирите компании потпишале меморандум за намери со кои треба да се обезбеди директна дистрибуција на руски гас до европските потрошувачи. Новите гасоводни линии ќе имаат слична рута со веќе постоечкиот „Северен поток“, а 51 отсто од акциите во заедничката компанија ќе бидат во сопственост на „Газпром“.
Според изјавата на претставниците на „Газпром“, меморандумот ја демонстрира намерата на сите страни за изградба на два гасоводи од рускиот брег преку Балктичкото Море до брегот на Германија. Капацитетот на гасоводите треба да биде 55 милијарди кубни метри годишно.