Денес во склоп на настанот Маврово маунтинбајк викенд се одржа првата трка во планински велосипедизам на Светската велосипедска федерација (UCI) во Македонија. Во трката се натпреватуваа 15 елитни планински велосипедисти од целиот регион за квалификациони поени за учество на Олимписките игри во Бразил во 2016 година. Дводневниот настан е организиран од Енерџи Сајклинг, со поддршка од Општина Маврово и Ростуше, Националниот парк Маврово и Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија.
„Настани како овој и помагаат на Македонија да се позиционира како атрактивна локација за професионални и рекреативни спортисти“, рече Џејм Стаин, директорот на УСИАД во Македонија.
„Крајната цел е Маврово да стане популарна дестинација не само во зима, туку преку целата година, со што ќе се создадат повеќе работни места со полно работно време“, рече Стефано Лазарото, амбасадорот на Швајцарија во Македонија.
Во машка конкуренција (32 км), првото место на трката го освои Александрос Брохидис од Грција, додека второто и третото место им припаднаа на Александар Роман од Србија и Јован Трајовиќ од Грција. Во женска конкуренција (20 км), првото место го освои Ивана Костиќ од Србија, додека второто и третото место им припаднаа на Анета Антовска од Македонија и Гомна Варданидоу од Грција.
Во недела во Маврово ќе се одржат два планински велосипедски маратони (42 км и 90 км) и една рекреативна друмска тура (31 км) во склоп на истиот настан. Маврово маунтинбајк викенд се очекува да привлече повеќе од 400 посетители.
Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија, оваа година финансиски поддржува 10 настани низ Македонија во сферата на активниот и спортскиот туризам. Преку поддршката на овие настани, Проектот го зајакнува капацитетот на Македонија за привлекување на странски туристи со интерес во спортскиот и активниот туризам.