Годинашново 10. издание на првиот меѓународен и мултикултурен уличен фестивал во Македонија „Баскерфест“ ќе почне утре, на плоштадот „Филип Втори“. Фестивалот ќе трае до 13 јули, низ 14 градови во Македонија.
На денешната прес-конференција детали за фестивалот соопштија градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, Пане Темов и Тина Мицковска од организаторот „Темов“ и Катерина–Хаџи Ангелеска, претставник од „Пивара“ – Скопје.
– За време на викендите ќе има две бини, а во работните денови три, каде уличните уметници ќе ги изведуваат своите точки во текот на денот. Во вечерните часови на истото место планирани се настапи на повеќе музички групи од странство и од Македонија, рече Трајановски.
Фестивалот во Скопје е под покровителство на Град Скопје, за што се одвоени 900 илјади денари.
За оваа година најавено е учество на околу 100 баскер-изведувачи од целиот свет. Покрај уличните артисти, како и секоја година тука се музичките настапи во пивската градина. Жонглери, брејкденсери, куклен театар, одење по жица и перформанси со оган се само дел од програмата на годинашниов театар на отворено „Баскерфест 2015“.
Годинава новитет е тоа што првпат секојдневно ќе има и детска креативна работилница каде најмладите посетители ќе имаат можност да се дружат со баскер изведувачите и да се едуцираат.
– Со текот на овие 10 години, овој фестивал стана препознатлив бренд за нашиот главен град и еден од најуспешните културно-забавни проекти поддржани од Град Скопје. Ги повикувам граѓаните на дојдат и да се забавуват на отворено, изјави Трајановски.
Пане Темов по повод 10. роденден најави голем број изненадувања за присутните и артисти од Чиле, САД, Куба, Албанија Србија, односно учесници од 23 земји.
Мицковска ги повика граѓаните да дојдат и да ги посетат детските креативни работилници, настапите на артистите од 18 до 22 часот, како и пивската градина која ќе понуди забава до еден часот по полноќ во текот на неделата, а до два часот по полноќ за време на викендите.
Хаџи Ангелеска истакна дека ги поддржуваат настаните кои се со интересна и едукативна содржина, каква што има „Баскерфест“.