Оперската певица Весна Гиновска-Илкова вечер ќе одржи соло-рецитал во концертната сала „Борис Христов” во рамки на јубилејната програма по повод 10 годишнината на КИЦ на Македонија во Софија и 11. Фестивал на Уметностите „Борис Христов”.
Во пијано придружба на Кристина Светиева ќе бидат изведени познати оперски арии од Штраус, Лист, Рахмањинов, Верди, Маскањи, Чајковски, Пучини, како и фрагменти од нашата македонска музичка ризница, „Марика, мома убава” од Зографски и „Галебе мој” од Прокопиев.
Весна Гиновска-Илкова е сопран, првенец на Македонската опера и балет. Дипломира на ФМУ во Скопје, во класата на професор Милка Ефтимова, а магистерските студии ги работи во Белград, во класата на професорката Радмила Бакочевиќ. Во нејзината богата оперска продукција, остварува преку 20 насловни улоги.
Гиновска-Илкова настапувала на бројни светски музички сцени и е добитник на неколку највисоки македонски музички признанија и награди, за остварувања во културата и музичката уметност.