Во рамки на вториот меѓународен театарски фестивал „МНТ Фест’’, вечер ќе биде изведена претставата на Чехов „Три сестри’’, копродукциски проект на фестивалот „ФИАТ’’ од Подгорица и „Град театар’’ од Будва од 2014 година, во режија на Ана Вукотиќ и Слободан Милатовиќ.
– Претстава за невозможноста на љубовта, но и за недофатливите, минливи задоволства кои ја вклучуваат потрагата по неа, без која нашите животи на оваа планета би биле празни и јалови. Покрај темата за љубовта, претставата копа и по теренот на општествените односи, како последица на крупните политички промени. Вкупно гледано, овие „Три сестри“ имаат слоевито значење кое нè предизвикува на поетско-филозовски истражувања, на соочување со мислите за постоењето и страдањето, за важноста на работата, за осаменоста и нејзиното надминување, за влијанието на судбината, како и за можноста таа да стане посилна со својата упорност, информира МНТ во најавата за гостувањето на црногорската претстава.
Ана Вукотиќ (Подгорица, 1977), која има режирано голем број претстави и е добитничка на неколку награди, од 2013 година е директор на фестивалот „ФИАТ“. Слободан Милатовиќ (Никшиќ, 1952) режирал повеќе од 70 театарски претстави. Основач е на театарот „ДОДЕСТ“ и 25 години е негов уметнички директор каде што ги режирал повеќето претстави. Учествувал на многу меѓународни и регионални фестивали. Добитник е на повеќе меѓународни театарски награди. Направил повеќе од 30 театарски адаптации и напишал драмски текстови. Основач е на неколку театарски фестивали: „ФЈАТ“, „ФИАТ“, „Барски летопис“, „Подгоричко лето“, Фестивал на актерите во Никшиќ, Фестивалот „Теута“ во Котор. Основач и претседател е на фондацијата „Монтенегро мобил арт“ и главен уредник на магазинот за култура „Мобил арт“. Сега работи како слободен уметник.
Во „Три сестри’’ играат: Бојана Малиновска, Јулија Милачиќ, Ана Вучковиќ, Момо Пиќуриќ, Дејан Иваниќ, Зоран Вујовиќ, Милош Пејовиќ, Петар Новаковиќ, Јован Кривокапиќ, Иван Марковиќ Кореограф на претставата е Соња Вукичевиќ, музиката на Иван Маровиќ, костимограф е Лина Лековиќ.
Нареден фестивалски термин на „МНТ Фест’’ е 8 јуни, кога ќе биде изведена претставата ,,Кога ова би било филм’’ на Турскиот дражавен театар од Истанбул, во режија на Билге Емин.